Според податоците на Министерството за образование и наука, добиени од раководствата на училиштата на 2 септември, меѓу учениците, само 0,01 отсто се активни случаи на ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар.
– Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички пероснал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите. Брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита. Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите – велат од МОН.
Оттаму апелираат на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи, како што се наведува, минатогодишното искуство ни покажа дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата. Секако, додаваат дека неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти.
– Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива – соопшти министерството.
Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици.