Заврши седницата на Кризниот штаб на Србија за борба против пандемијата со ковид-19. Донесени се нови епидемиолошки мерки. Тоа значи дека освен продавниците за храна и аптеките, во Србија, речиси ништо нема да работи.

– Од утре, до понеделник, режимот за работа и живот ќе биде како минатиот викенд. Сè се затвора во среда, четврток, петок, сабота и недела. Нема полициски час – изјави премиерката Ана Брнабиќ.

По седницата на Кризниот штаб, таа најави дека последен пресек на ситуацијата ќе биде направен за викендот.

– Ова е компромисно решение, можете да видите дека долго разговаравме за тоа. Се обидовме да комбинираме три работи: здравствениот систем, економијата и менталното здравје на луѓето – рече Брнабиќ, повторувајќи дека медицинскиот дел бара исто така рок од 14 дена.

Таа исто така посочи дека разговарала за сè со претседателот на Србија, како и за младите кои страдаат од голем притисок, но и со министерот за финансии заради економијата која ќе страда од превземените мерки.

– Очекуваме масовната вакцинација да започне да дава резултати во наредните недели. Ние, се разбира, нема да можеме веднаш да прогласиме победа. Но, ние се обидуваме секој ден да го најдеме најдобриот одговор на кризата во која се наоѓаме – рече Брнабиќ , додавајќи дека единствениот излез од кризата е вакцинација.


Црна Гора повторно пред можност од целосно заклучување

Институтот за јавно здравје ќе предложи целосно заклучување на Црна Гора, поради сложената загрижувачка и алармантна состојба, изјави епидемиологот Марија Божовиќ.

Минатата недела министерството за здравство донесе нови епидемиолошки мерки, кои вклучуваат заклучување на 11 градови и општини, а нови се најавени за утре.

– Ако земјата беше заклучена, мерките ќе дадеа резултати, но и после тоа, основните мерки ќе мора да се почитуваат затоа што вирусот е тука, а дневните бројки нè предупредуваат на тоa – рече Божовиќ.