Здравствените експерти се збунети од одлуката на повеќе национални влади да ја прекинат имунизацијата со вакцината на „Астра зенека“ објавува „Форбс“, наведувајќи дека политиката е веројатната причина за суспензија на вакцината на британско-шведската компанија, а не науката.

Германција, Франција, Италија, Шпанија, Данска, Норвешка, Република Ирска, Холандија и Тајланд ја прекинаа вакцинацијата со „Астра зенека“, поради ризиците за згрутчување на крвта на оние што ја примиле. Но повеќемина експерти тврдат дека вакцината е безбедна и дека суспензиите претставуваат удар за глобалниот процес на имунизација. Други, пак, изразија загриженост дека вакцината наиде на пречки поради политички, а не научни причини. Ваквата појава е причина за дополнителна загриженост поради недостигот на вакцини и зголемениот број на случаи на коронавирус во Европа.

Засега има 37 пријавени случаи на згрутчување на крвта меѓу 17-те милиони луѓе кои ја примиле вакцината на „Астра зенека“ во Обединетото Кралство и во ЕУ, а првичните извештаи сугерираат дека има по еден смртен случај во Италија, Австрија и Данска поврзани со згрутчување на крвта по примање на вакцината на „Астра зенека“. Но Европската медицинска агенција (ЕМА) соопшти дека ниту еден од смртните случаи не е поврзан со вакцината, а истото го тврди и „Астра зенека“. Светската здравствена организација исто така апелираше да продолжи вакцинацијата со „Астра зенека“.

– Не видов податоци според кои може да се забележи зошто е суспендирана вакцината. Луѓето добиваат згрутчување на крвта бидејќи тоа би им се случило и со и без вакцината – вели специјалистот за заразни болести Дејви Смит од универзитетот во Сан Диего.

Привремениот прекин на имунизацијата може да донесе и одредени загуби кога станува збор заштитата од ковид-19.

– Паузирањето за преглед на податоците е во ред. Но тоа значи дека губите време во заштитата на луѓето против заразната болест, па има загуби со таквата одлука – смета Џенифер Нуцо, епидемиолог од Центарот за здравствена безбедност на универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Извештај на инвестициската компанија „Барклис“ сугерираше дека „повеќето контроверзи поврзани со вакцината имаат политичка основа, наместо научна“. Во извештајот се наведува и дека „властите во одредени подрачја можеби барале виновник за фрустрирачкиот процес на вакцинација“.

Вакцината „Астра зенека“ првично беше сметана за водечка во трката за вакцинација, но се соочи со повеќе пречки во однос на нејзините конкуренти. Тестирањето беше прекинато во септември поради болест на еден од учесниците, а потоа дојде до грешка во дозирањето (била давана половина доза при испитувањата) која ја разниша довербата на американските регулатори во вакцината.

Сепак, резултатите од испитувањата беа ветувачки со што вакцината покажа ефективност од 82 отсто против коронавирусот. Тоа доведе до нејзино одобрување од Обединетото Кралство, ЕУ и од СЗО на почетокот на годинава. Засега не се очекува суспензиите на вакцинацијата со „Астра зенека“ во ЕУ да ја запрат дистрибуцијата надвор од Унијата.