„Астразенека“ размислува да ја тужи Босна и Херцеговина во врска со изјавата на министерката за надворешни работи Бисера Турковиќ, која рече дека вакцината од оваа компанија е за сиромашни, со послаб квалитет и евтина.

Како што пренесува сараевски „Аваз“, Алмир Бадњевиќ, директор на „Верлаб“, изјавил дека, според неговите информации, раководството на „Астразенека“ размислува за тужба против БиХ поради изјавата на министерката дадена на денот кога српскиот претседател Александар Вучиќ донираше 5.000 дози од вакцината на „Астразенека“ против коронавирус.

Турковиќ рече дека вакцината на „Астразенека“ е со лош квалитет. Потоа продолжи да омаловажува, тврдејќи дека вакцината не е одобрена за земјите од ЕУ и дека е наменета за сиромашни земји, а исто така додаде дека истата се произведива во Индија. Таа порача и дека вакцината е лесно достапна на пазарот и дека БиХ исто така можела да ја набави.

Изјавата, наиде на огромен број коментари на социјалните мрежи во БиХ, кои претежно ја осудија изјавата на министерката, воедно прашувајќи ја зошто ако вакцината е толку лесно достапна, не била веќе набавена.