Не сме заинтересирани за создавање голема Србија, за нас голема Србија значи подобра економија, повеќе фабрики, подобри плати и подобра инфраструктура, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

Сепак, тој истакна дека кога ќе го каже тоа, ги слуша луѓето како велат дека не му веруваат.

– Па, јасно ми е дека е потребно време да докажеме дека сме искрени – рече Вучиќ, зборувајќи во серијалот разговори во организација на Атлантскиот совет, нагласувајќи дека тој во повеќе наврати одговорал на прашањето дали ќе има војна.

„На луѓето им е доста од војна, затоа го напуштија овој регион во изминатите 25 години, а сега гледаме дека полека се враќаат. Ни требаат млади, талентирани и паметни луѓе да се вратат, а не нови војни и нестабилност“, рече Вучиќ.

Според него, само будали мислат дека воена реторика ќе им донесе победа на избори.

– Ние нема да го дозволиме тоа. Дури и ако некој сака да војува, нема да војува со нас. Можеме да го гарантираме тоа – истакна српскиот претседател.

Прашањето за можни нови војни и поделби во регионот последниве денови е поттикнато од објавувањето на наводниот нон пејпер за поделба на БиХ, што му се препишува на словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој, пак, жестоко го отфрли документот. Вучиќ деновиве беше и во Бања Лука, каде исто така рече дека одбива да размислува за нови војни на Балканот. Тој претходно кажа дека не го видел наводниот нон-пејпер.