Ед Јонг

„Атлантик“ ги пренесува искуствата на Американците со новиот сој на коронавирусот

Денес полнам 40 години и планирав да имам забава. Ширењето на делта-сојот ме направи нервозен во врска со ваквата идеја, а доаѓањето на омикрон ме принуди да ја откажам, пишува Ед Јонг за американскиот магазин „Атлантик“, во авторскиот текст насловен „Ја откажав роденденската прослава поради омикрон“.

Планирав да имам домашна забава со дваесетина гости во текот на викендот. Од една страна, тоа ќе беше настан без носење маски на затворено, на кој коронавирусот, во сите негови облици, се шири најлесно. Од друга страна, сите што ќе беа таму, се потполно вакцинирани, а повеќето од нив, вклучувајќи ме и мене примија и трета доза. Пред еден месец ќе бев мирен со ваквата одлука, особено ако гостите се тестираа недолго пред забавата, како што беше случај со осумте мои пријатели кои дојдоа за Денот на благодарноста.

Омикрон не смени многу во начинот на кој одлучував за личниот ризик. Иако новата варијанта избегнува одредени имунолошки одбрани, раните податоци сугерираат дека луѓето кои примиле трета доза се заштитени против омикрон, отприлика како и оние со две примени дози против делта-видот. Таа заштита не е стоотстотна, но дури и да дојде до зараза, треба да спречи предизвикување на поголема штета. Ако се заразев на својот роденден, очекував да закрепнам до Божиќ, а истото го очекував и за сите што мислеа да дојдат на забавата.

Не ги знам изгледите за ова да се случи. Но знам дека шансите растат со секој изминат ден, со оглед на тоа колку бргу и лесно се шири омикрон, дури и меѓу населението со висока стапка на имунизација.

Ако некој се разболеше, знам дека и другите ќе се разболеа. Недела дена подоцна моите пријатели ќе го поминеа Божиќ со семејствата. Во најдобар случај, кластерот на инфекции од роденденската забава ќе ги пореметеше таквите планови, принудувајќи ги луѓето да бидат одделени од најблиските. Во најлош случај, луѓето несвесно ќе го пренесеа вирусот на нивните семејства, меѓу кои има и постари лица, како и невакцинирани. Со тоа што сум роден на осум дена пред Божиќ, се создаваат речиси совршени услови за потенцијален настан-суперширител на ковид-19.

Зборував со мојата сопруга и со двајца колеги за начините за ублажување на ризиците – дали можеме да бараме од гостите да направат брз тест непосредно пред доаѓањето, но најпосле, едноставното откажување на забавата го сметав за полесно и побезбедно решение. Овие одлуки се тешки и откажувањето на плановите е болно. Роденденската забава не е толку голема работа, но тажен сум бидејќи нема да ги видам пријателите, а прославата ќе го подобреше моето психичко здравје. Овие отстапки, кои ги правиме речиси две години, имаат ерозивна моќ додека се трупаат.

Нашиот Божиќ исто така ќе биде мирен. Лесно е да се очајува, но не можеме да си го дозволиме таквиот нихилистички луксуз. Заразната природа на вирусот значи дека и најмалата лоша одлука може да предизвика експоненцијална штета.

Минатата година, со ефективните вакцини и новата претседателска администрација на повидок, на Твитер напишав дека се чуствувам благо оптимистичен во врска со можноста за организирање на роденденска забава. Тоа не се оствари годинава. Но откажувањето не значи дека нема да имам радосен викенд или оти нема повторно да имам забава. Цената на чекањето на таков момент се чини ниска, а секако значително пониска во однос на последиците од безобѕирната нестрпливост. Знам дека и покрај непопустливата природа во изминатите две години, пандемиите на крајот завршуваат, заклучува Јонг.