Главниот американски епидемиолог и советник на претседателот Џо Бајден, Ентони Фаучи, рече дека е оптимист кога станува збор за можноста земјата да може да се врати во некаква нормалност до прославата на Денот на независноста на 4 јули.

– Мислам дека проекцијата за четврти јули е прилично разумна – рече Фаучи за „Фокс њуз“.

Тој, сепак, предупреди дека во меѓувреме, сè уште е потребно да се преземат мерки на претпазливост со цел да се спречи нов бран на епидемијата.

Фаучи додаде дека верува дека САД ќе имаат доволно вакцини до крајот на мај, така што секој граѓанин што сака ќе може да се вакцинира.

Гувернерите на некои американски сојузни држави одобрија компаниите да работат во редовни околности и им препорачаа на граѓаните повеќе да не носат маски за лице.

– Апсолутно не е време да се прогласи победа. Секогаш постои ризик од разгорување на пандемијата – предупреди Фаучи.

Според него, олеснувањето на мерките за носење маски и физичко дистанцирање е ризично и потенцијално опасно.