Партијата на германската канцеларка Ангела Меркел претрпе тешки порази на две клучни локални гласачки места, на гласањето што се смета за тест во пресрет на општите избори во септември, пренесуваат светските медиуми. Според првичните резултати партијата на Зелените освои 32 отсто од гласовите во Баден-Виртемберг, наспроти 24-те отсто на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркел, а во Рајнланд-Пфалц победи Социјалдемократската партија (СДП) со 35 отсто, додека ЦДУ освои 27 отсто од гласовите.

ЦДУ ги забележа најлошите резултати на изборите во германските покраини Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц, каде што партијата вообичаено има силна поддршка. Како причина за слабите резултати се наведуваат незадоволството на јавноста од справувањето на пандемијата.

Бројот на случаи на коронавирус во Германија и натаму е голем, додека вакцинацијата се одвива бавно, а властите имаат потешкотии со ублажувањето на рестрикциите. Исто така, повеќе политичари од ЦДУ ја напуштија партијата поради обвинувањата за примање на големи провизии за владините договори за купување на маски.

Неуспехот отвори прашања и за изгледите на партијата на општите избори предвидени за септември. Истиот месец Меркел ќе ја напушти функцијата на германска канцеларка која ја извршуваше во изминатите 16 години, со што сегашната ситуација ќе биде тест за Армин Лашет кој беше избран за лидер на ЦДУ во јануари. Нема гаранции дека Лашет ќе биде кандидат на ЦДУ за канцелар, бидејќи лидерот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер, ќе биде негов противкандидат за функцијата.