Унгарскиот премиер Виктор Орбан се вакцинираше против ковид-19

Унгарските власти завчера ги одобрија за итна употреба вакцината на кинеската компанија „Кансино“, како и индиската верзија на вакцината на „Астра зенека“ со што бројот на одобрени вакцини од страна на Унгарија достигна седум. На прес-конференцијата на која беше соопштена одлуката, беше посочено дека вакцините и се потребни на Унгарија поради зголемениот број на случаи на коронавирус и една од највисоките стапки на зараза, објави „Вашингтон пост“.

– Ние сме во трка со времето, а вакцините се единствениот начин за излез од пандемијата – нагласи претставничката на унгарските здравствени власти Сесилија Милер, додавајќи дека новоодобрените вакцини набргу ќе бидат достапни во Унгарија.

На тој начин Унгарија ќе користи седум извори за вакцини доколку Националниот центар за здравство ги одобри за масовна имунизација. Според службата на канадскиот универзитет „Мекгил“ специјализирана за следење на вакцинацијата, Унгарија одобри повеќе вакцини отколку која било друга држава. Унгарија веќе се издвои во ЕУ со одобрување на кинеските и руските вакцини.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој се соочува со избори в година, ја направи кампањата за вакцинација клучна во одговорот на пандемијата, при што и тој се вакцинираше. За вакцинација во Унгарија беа искористени повеќе од 1,5 милиони дози вакцини до петокот.