Искуствата на САД и на Израел со вакцинацијата и најновите спроведени студии укажуваат на потребата, како и на користа од давањето на трета доза вакцина против ковид-19, додека светот ја разгледува можноста за дополнителна имунизација.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден викендов препорача вакцинираните Американци да примат и трета доза од вакцината против ковид-19, откако Центрите за контрола и превенција на болести објавија три студии поврзани со потребата за дополнителна имунизација во наредните месеци, пренесува „Њујорк тајмс“.

Стидиите покажуваат дека имунитетот што вакцините го нудат се намалува со текот на времето, иако тие се ефективни во борбата против ширењето на вирусот и спречуваат здравствени компликации и смртност од болеста. Случаите на ковид-19 меѓу вакцинираните им се припишуваат на комбинација од намалената ефикасност на вакцините, делта-сојот, како и на неносењето маски. Во студиите се препорачува оние кои се вакцинирале со вакцините на „Фајзер/Биоентек“ и „Модерна“ да ја примат третата доза осум месеци по втората.

– Трите нови студии покажуваат дека вакцините имаат ефикасност од околу 55 отсто против сите инфекции, 80 отсто против симптоматски инфекции и 90 отсто го намалуваат бројот на хоспитализирани случаи – објаснува Ели Мареј, епидемиолог на Универзитетот во Бостон.

Покрај САД, и Канада, Франција и Германија најавија засилување на кампањите за трета доза. Таков е случајот и во Израел, каде што се покажа дека лицата над 60-годишна возраст што примиле трета доза, имаат значително подобар имунитет против вирусот. Третата доза нуди пет до шест пати поголема заштита против комликации од болеста и хоспитализација, а заштитата се стекнува веќе десет дена по вакцинирањето, како што покажува студија од Израел.

Израел почна да ги вакцинира со трета доза лицата над 60 години на крајот на јули. Во четвртокот, границата беше сведена на 40 години, а вакцинирани беа и бремените жени, здравствените работници и наставниците.