Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, е позитивен на ковид-19, има лесни симптоми и ќе биде во самоизолација 10 дена, објави владата на Луксембург.

Бетел, кој има 48 години, се тестирал на коронавирус и резултатот бил позитивен, а бил потврден и со уште еден последователен ПЦР-тест.

– Премиерот во моментов покажува благи симптоми (треска, главоболка) и ќе продолжи да ги извршува своите должности и функции од далечина – се наведува во соопштението на неговиот кабинет.

Според владата на Луксембург, Бетел примил само една доза од вакцината на „Астра зенека“ на 6 мај, а требало да прими втора доза оваа недела.

Бетел учествуваше на дводневниот самит на ЕУ во Брисел оваа недела, на кој учествуваа францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Марио Драги и други европски лидери.