Околу половина од смртните случаи од ковид-19 во Европа се забележани во домовите за стари и немоќни лица, но многумина од нив не се вклучени во официјалните податоци или воопшто не се пријавени како случаи поврзани со тековната пандемија, велат експертите.

Експертите од здружението „Лонг терм кер полиси нетворк“ (LTCPN) при Лондонската економска школа (LSE) проценуваат дека процентот на корисници на старски домови поврзани со смрт од коронавирус во пет европски земји се движи од 42 проценти во Белгија до 57 проценти во Шпанија.

Покрај овие две земји, LTCPN ги истражуваше официјалните податоци и новинските извештаи во Италија, Франција и Ирска.

Нивниот заклучок е дека многу малку земји систематски ги тестираат персоналот и штитениците на старските домови, што го отежнува проценувањето на бројот на заразени и починати и дека единствениот начин да се спореди стапката на смртност за време на пандемија е со стапката на смртност во текот на истиот период претходните години.