Фото: Игор Бансколиев

Експертите по социјални медиуми велат дека е природно и очекувано во време на вонредни мерки предизвикани од пандемијата на коронавирусот сите, а особено младите, да бараат алтернативни мерки за квалитетно поминување на своето слободно време. Психолозите, пак, сметаат дека ваквата состојба што се случува сега, во иднина ќе донесе многу нервозна младина, со акумулиран стрес и анксиозни состојби

Фаталната привлечност на социјалните мрежи

Социјалните медиуми и мрежи се начин да се намали стресот од карантинските мерки за заштита од ширење на коронавирусот или, пак, се дополнителен удар врз менталното здравје на луѓето во овие кризни времиња? Има ли позитивни и негативни ефекти од седењето пред компјутер во најголем дел во текот на денот? Ова се дилемите за кои се почесто сѐ дебатира, особено последните два месеца, откако децата не одат на училиште, а возрасните седат дома за време на полицискиот час. Ако до пред неколку месеци дебатата беше како зависноста од интернетот да се замени со друштвените игри кај младите, сега е како онлајн-дружењето да биде корисно и продуктивно.

Родителите на децата од училишна возраст велат дека во најголем дел од времето децата, покрај извршувањето на зададените училишни задачи, времето го поминуваат пред компјутер играјќи видеоигри, преку кои се поврзани со своите другарчиња и заедно мрежно ги играат игрите.
Повозрасните, пак, постојано се на нови апликации, на нови социјални мрежи, како Инстаграм и Тик ток, на кои споделуваат видеа, со имитација и играња на песни или видеа од познати светски ѕвезди.

Експертите по социјални медиуми велат дека е природно и очекувано во време на вонредни мерки предизвикани од пандемијата на коронавирусот сите, а особено младите, да бараат алтернативни мерки за квалитетно поминување на своето слободно време. Посочуваат дека човекот има потреба од комуникација, социјализација, има потреба да се дружи, а токму денес можеме да ја видиме позитивната улога што ја даваат технологијата и дигитализацијата, рамо до рамо со слоганот или хаштагот #ОстаниДома.

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека прекумерното користење интернет може во иднина да предизвика две алтернативи, како презаситување од интернет и зголемено ниво на директна социјализација лице во лице, офлјан-активности и слично и дополнителна зависност од интернетот, односно живот уште повеќе базиран на дигиталните и интернет-технологии од досега.
– На младите или на новите генерации не им беа потребни ниту полицискиот час ниту другите вонредни мерки за да бидат активни во интернет-просторот.

Одамна не е најважно колку туку како младите, па и сите ние, го поминуваме времето онлајн, што е она што го пребаруваме, со кого комуницираме, дали постојано дигитално се описменуваме, односно ги користиме технологијата и интернетот за подобрени онлајн-вештини што ни служат во текот на учењето, студирањето, работата, подготовката за работни ангажмани, а секако и квалитетно поминување на слободното време. Оваа корона-криза ни покажа дека веќе не смееме да доцниме со дигитализацијата на општеството.

Да го земеме за пример образованието, кое повеќе од деценија го одложува овој процес, па денес сме сведоци како од час на час излегуваат предизвици и програми во спроведувањето на онлајн-наставата, кои немаше да се појават или многу побрзо ќе се решаваа доколку претходно веќе имавме дигитализација во образовната сфера, дигиталната писменост како вештина им ја предававме на децата и учениците од најрана возраст. Доколку извлечеме поуки каде сме погрешиле како општество или каде треба(ло) да биде ставен акцентот во иднина, ќе зборуваме за многу поинклузивно, многу поотворено дигитално општество – вели Кордалов.
Психолозите, пак, посочуваат дека, генерално, ваквата состојба што се случува сега, во иднина ќе донесе многу нервозна младина, со акумулиран стрес и анксиозни состојби.

Психологот Катина Павловска вели дека во период кога е скратено времето за излегување и за дружење, се подразбира дека сите, а особено младите, ќе посегнат по дружење на социјалните мрежи, односно на онлајн-дружење.
– Многу млади ги користат социјалните мрежи и за видеоигри. Но така било и претходно, кога имале можност за излегување. Најчесто тоа го правеле оние што се повлечени и несигурни и правеле таков избор за дружење. Сепак, времето ќе покаже дали враќањето во живот и кон секојдневните обврски, по завршувањето на овој период, каде што ќе има помалку време за седење на социјалните мрежи, ќе се одрази врз психолошкото и менталното здравје на луѓето – посочува психологот Павловска.

[email protected]