Огњен Радовиќ, професор на Филозофскиот факултет во Белград

На нозе целата светска 

Еден од огромната мобилизирана група интелектуалци што се огласија деновиве, со ставови поврзани со коронавирусот и вредат да се проследат, е Огњен Радовиќ, професор на Филозофскиот факултет во Белград, кој низ своја диоптрија објави подолга анализа во вонредното електронско издание на белградскиот магазин „Недељник“.
Барајќи одговор на прашањето дали коронавирусот ќе го смени светот, авторот нуди неколку тези како тежишни во својата, како што ја нарекува, „ригорозна анализа“.

Ригорозна анализа

Прво, од перспектива на преносливоста на заразата, тој е свесен дека секоја анализа е нецелосна, бидејќи се прави само врз основа на регистрираните случаи, а не и на сите заболени. Имено, во сите земји, освен во Јужна Кореја, голем е бројот на нерегистрирани случаи со благи или асимптоматски појавни облици. Единствено Корејците релативно успешно се справуваат со проблемот, па бројот на регистрирани случаи се совпаѓа со заболените.
Второ, прашање е дали пристапот на имунитетот на стадото (колективен имунитет) е ефикасен, бидејќи нема одговор на прашањето дали оној што ја прележал болеста стекнал имунитет, дотолку повеќе што постојат индиции дека со текот на ширењето коронавирусот мутирал во С и Л-верзија.
Од друга страна, професорот, пак, издвојува дека мерките на изолација односно рестриктивните мерки, потенцијално водат кон слом на светскиот стопански систем.

Олеснителни околности?

Во продолжение, Радовиќ од ригорозниот пристап се префрла на олеснителните околности. За почеток, тој заклучува дека сепак овој вирус е помалку убиствен отколку што зборуваат бројките. Во таа насока укажува дека вирусот би бил уште помалку убиствен ако сите тешки случаи би имале пристап до респиратори, па го посочува примерот на Кина, со смртност од само 4 проценти. На другата страна на виножитото е Италија, каде што презафатените респиратори ја кренаа бројката на 8,2 проценти.
Неговите процени се дека од овој вирус ќе заболат 70 проценти од светското население, при што стапката на заразени во вкупната популација ќе опаѓа со големината на населбата, односно големите урбани центри ќе имаат помала стапка на заразени од малите средини. Ваквиот парадокс го „збунува“ професорот, па го наведува на дополнително размислување што, пак, го води до, со децении искажуваното тврдење на епидемиолозите и сите што го истражуваат функционирањето на сложените екосистеми – не ни се случува нешто ако самите не сме го предизвикале!

Магичниот круг на искористувањето на човечките и на природните ресурси

Авторот по сево ова се обидува да ги изложи заклучоците во неколку тези.
Светскиот капиталистички систем е насочен кон максимизација на профитот. Тоа води кон забрзана глобализација и урбанизација од една страна и вечното тежнеење за смалување на трошоците од друга страна, што води до експлоатација на работната сила и на природните ресурси, како и значаен пораст на нееднаквоста и распределбата на светскиот доход и богатство. Во таквиот магичен круг, сиромашните ќе посегнуваат сѐ повеќе по природата, каде што ќе се судираат со нови и неоткриени вируси, а со забрзување на глобализацијата, урбанизацијата и растот на нееднаквоста, овие процеси ќе се забрзуваат. Во тој, засега за нас непознат екосистем, со кој се судираме се наоѓаат милиони неоткриени патогени. Бидејќи патогените само бараат начин да опстанат, тие ги напаѓаат доминантните видови, а на нашава планета тоа се луѓето.

Тука доаѓаме до прашањето како се справуваме со опасноста што ни се заканува. Авторот како пример ги зема италијанскиот и корејскиот здравствен систем. Италија има 60 милиони жители, а Јужна Кореја околу 50, но нејзината површина е трипати помала од италијанската, плус се граничи со Кина. Сепак, резултатите во борбата со коронавирусот се драматично различни, пред сѐ поради поставеноста на здравствениот систем. Тука Корејците се во огромна предност, па како илустрација се наведува бројката на тестирани – околу 250.000 тестови досега, што е неспоредливо над европскиот и американскиот просек.

Примерите на САД и на сиромашните земји се екстремни. Во Америка, здравствениот систем е целосно препуштен на пазарот, поради што мнозинството граѓани немаат или имаат само основно здравствено осигурување. Па, така, тестот за коронавирус чинеше 3.000 долари. Како една од првите мерки против пандемијата американските власти донесоа одлука тестот да биде бесплатен, но не и лекувањето. Оттаму, јасно е дека дури и за средната класа ситуацијата е мошне тешка. Кај сиромашните земји нивните здравствени системи не се во можност да дадат ниту основни здравствени услуги, а не пак да одговорат соодветно на ваква пандемија.

Кои општествени феномени нѐ прават сите нас поранливи

Како заклучок, се наметнуваат неколку факти. Урбанизацијата, глобализацијата, максимизацијата на профитот и растечката нееднаквост нѐ прават сите нас заедно сѐ поизложени на вакви епизоди. За надминување на вакви ситуации, неопходни се меѓународен договор и многу поинтензивна, пофункционална и поконструктивна соработка меѓу меѓународните институции, државите приватниот сектор и граѓаните.
Сепак, фактите зборуваат дека во изминативе дваесетина години пандемиите не го сменија суштински нашиот начин на размислување.

Во периодот април 2009-април 2010 од свински грип заболеа околу 60 милиони луѓе, а околу 200.000 умреа, па ништо посебно не се смени во светот потоа. Но овој пат, има некакви навестувања дека можеби нешто се менува. Не случајно Трамп го преименува вирусот како „кинески“. Ова е своевидно бинго за Кина, која прекуноќ, од некој што го прикрива проблемот и потоа станува давеник, се претвори во светски спасител. Но со Кина можеби доаѓа и новата зараза, овој пат политичка, заклучува Радовиќ, а тоа е ширење на тоталитарниот начин на размислување за кој воведувањето вонредна состојба е мошне плодна подлога.

Едноставно кажано, можеби ќе бидеме поподготвени да ги отстапиме нашите слободи во замена за продолжение на процесот на уништување на нашата животна средина и на систем што ќе биде поспособен да се соочи со пандемијата. Се разбира, и ова решение е само краткорочно, бидејќи природата ќе се брани со сите сили од натрапниците.