Францускиот претседател Емануел Макрон денеска предупреди дека прекинувањето на националниот карантин на 11 мај ќе биде само прв чекор на Франција за излез од кризата предизвикана од ширењето на ковид-19.

– 11 мај нема да биде премин кон нормалниот живот. Ќе имаме закрепнување во рамките на кое ќе треба да се реорганизираме – рече Макрон на Денот на трудот во говорот во претседателската палата.

Тој додаде дека во процесот до нормализација ќе има неколку фази, а 11 мај ќе биде една од нив.

Традиционалните протести за Денот на трудот, на кои илјадници демонстранти излегуваат на улиците, годинава се откажани поради пандемијата на коронавирус, од кој во Франција починаа 24.000 луѓе.

Од 11 мај, француските училишта постепено ќе се отвораат и бизнисите ќе можат повторно да започнат со работа, откако земјата со 67 милиони жители влезе во карантин од средината на март.

Нагласувајќи го тешкиот пат што претстои, синдикалните власти и лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен денеска ја истакнаа нивната загриженост во врска со кризата.

– Иако денес сме затворени, нашите барања не се – рече Ив Вејрие, шеф на синдикатот „Работничка сила“.

Ле Пен одлучно ја продолжи традицијата на својата партија која на 1 мај оддава почит на средновековната хероина Јованка Орлеанка со положување на венец на златната статуа на жената борец од 15-от век која е лоцирана во центарот на Париз.