Фото: Архива

Социјалниот дијалог што го води ССМ со Владата, и аргументираните барања даваат резултати, велат од Сојузот на синдикати на Македонија, од каде додаваат дека за прв пат, по долго време, улиците се празни и тие не маршираат, но секогаш се борат за правата на работниците.

Во соопштението на ССМ се наведува дека по нивната реакција, Владата, донела Уредба за финансиска поддршка на работниците и работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година. Со промените, велат од ССМ, се гарантираат работните места во услови на криза и се обезбедува заштита на работничките права, достоинствен приход и се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос на работниците.

– Истовремено по предлог на ССМ и синдикатите на денешната седница на Владата, се донесе дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба со која се овозможува ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и соодветно нивно пријавување во системот на задолжително социјално осигурување, со што ќе се намалат последиците од настанатите состојби во овој период – додаваат од ССМ.

Работодавачите кои ќе се согласат на ретроактивно вработување на лицата на кои им престанал работниот однос во периодот од 11 март до 30 април, тоа ќе можат да го направат до 7 мај, и на тој начин да ги исполнат критериумите за да се стекнат со правото на користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај.