Со брзото ширење на вирусот ковид-19 низ светот, истовремено се проширија и многу лажни вести, лажни митови и преданија за вирусот. Но, една голема зараза што се прошири, а никој нема сила да јас запре и спречи, е заразата на таканаречените „лажни онлајн-пророци“, кои предупредуваат дека ковид-19 е еден од знаците дека „е дојден почетокот на крајот“ односно дека крајот на светот се наближува, пренесува Си-ен-ен.

Има некоја сила што прави луѓето да го изгубат умот за време на паниката, а притоа да ги испразнат сите полици од продукти на маркетите. Лажните пророци ги инфицираат исплашените толпи преку онлајн-медиумите, а коронавирусот е во иста категорија со знаците за крај на светот како што се големите пожари во Австралија, роевите од скакулци во Африка, како и стравот дека САД ќе владеат со светот. Ваквиот страв кај масите од параноични луѓе е предизвикан од лажните пророци и нивното погрешно толкување на Книгата на Откровението од Библијата.

Од друга страна пак, оние кои вистински ја проучуваат Библијата, тврдат дека онлајн-пророците го нарушуваат психолошко здравје на исплашениот народ кој лесно потпаѓа под влијание на „знаците“ за крајот на светот. 

– Оние кои ја шират паниката поседуваат одредена доза на голема гордост, и се уважуваат себеси дека имаат „посебен увид“ во случувањата – вели Улрих Лехнер, католички теолог на универзитетот „Нотр Дам“ во САД. 

Но, неговите зборови не го поколебаа верувањето на Елиша Џонс, која пак, тврди дека не се обидува да предизвика паника на социјалните мрежи, туку да ги предупреди луѓето дека крајот, повторно, е блиску. Таа објаснува дека ова се знаците што ќе се појават пред второто доаѓање на Исус на Земјата.

Историјата на предвидувањата за крајот на светот е долга. Крајот на календарот на Маите во 2012 година, како и почетокот на овој милениум се само скорешни примери. Теориите на заговор наведуваа страшни, но и неверојатни примери, како огромни цунамија, судир на планетата Земја со друга планета. Еден човек во Кина отиде дотаму што изгради нова „Арка на Ное“.

Ваквите предвидувања не се карактеристични само за модерната доба. Голем број христијани од 17-от век веруваа дека 1.666-та година ќе биде крај на светот, бидејќи според Книгата на Откровението, 666 е бројот на ѓаволот.

Можеби наголем број лажни предвидувања се предизвикани поради комерцијализирањето на Книгата на Откровението. Дури и оние кои не се религиозни, ги знаат најбитните детали, како што се четворицата јавачи на апокалипсата, бројот на ѓаволот, како и седумте чуми. Сите овие нешта служат како алатки за ширење на зараза од страв. 

Лажните пророци шират страв. Така, повикување на знаците за крај на светот може да ја зацврсти вербата на оние кои се длабоко потресени од непогодите во секојдневниот живот, давајќи им значење на настаните од секојдневието. 

– Оние кои ги поврзуваат застрашувачките слики од Откровението со ковид-19 можат да наштетат на духовното и психичко здравје на луѓето. Од друга страна, предвидувањата за судниот ден можат да предизвикаат и друга опасност. Луѓето можат да станат пасивни и да не преземаат ништо. Тие, обземени од страв, ги игнорираат другите опасности во светот – вели Тимоти Бил, професор по религија, автор на „Книга на Откровението: Биографија“. 

Опасноста тие ја оправдуваат како дел од „планот на Бога“, тврдејќи дека нема што да се прави бидејќи она што се случува е по волјата на Бог. 

Голем број библиски проучувачи, сепак, велат дека тема на Книгата на Откровението не е „крајот на светот“.

– Книгата на Откровението била начин да ги потсети христијаните дека Бог и правдата на крајот ќе превладеат. Не станува збор за книга на предвидување, туку книга за утеха – објаснува Ленер. 

Тој додава дека наместо паника и страв, луѓето треба да шират утеха преку социјалните мрежи за време на ваквите ситуации. 

– Ќе се чувствувате подобро на крајот, а истовремено ќе им помогнете на многумина на кои им е потребна помошта во тешките денови кои се пред нас – заклучува Ленер.