За еден од најголемите логистички предизвици во модерната историја – транспортирањето на милиони дози вакцини што штитат од ковид-19, преку континенти и океани, а мораат да се чуваат на ниски температури, ирската компанија „Термо кинг“ помогна со своето искуство за транспорт на свежа туна, објавува Си-ен-ен.

„Термо кинг“ е компанија која направила револуција во транспортот на храна со усовршувањето на контролирањето на температурата при испорака, уште пред Втората светска војна. „Термо кинг“ соработува со фармацевтски компании, влади и логистички компании за да се осигури безбедноста на вакцините за време на нивниот транспорт во клиниките и болниците. За да се случи тоа, тие ги пренамениле контејнерите кои обично се користат за транспорт на свежа туна во Јапонија, заради потребата од слични ладни услови.

– Го зедовме тој производ и го модифициравме-пренаменивме – изјави Франческо Енкалза, менаџер на компанијата „Термо кинг“.

Туната мора да се чува на – 60 Целзиусови степени за да ја задржи својата квалитетна и темноцрвена нијанса кога ќе дојде во супермаркетите и рестораните, рече Инкалза. Вакцината против коронавирусот развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“ мора да се чува на -70 Целзиусови степени додека се транспортира. Така, „Термо кинг“, дел од компанијата „Трејн Технолоџик“, со седиште во Ирска, направи некои измени, додавајќи дополнителна изолација и прилагодувајќи го системот за ладење за да може да биде уште постудено.

Сега, секој контејнер долг 6 метри може да носи 300.000 дози од вакцината на „Фајзер“ по копно или на море. Оваа вакцина е прва одобрена за употреба во повеќето држави, по нејзино ригорозно тестирање. Одреден број на контејнери веќе се продадени и се испратени низ целиот свет. Енкалза рече дека обично се потребни години за развој на ваквата иновација.