Кина денеска регистрира 61 нов случај на коронавирус, најголем број на заболени од април, што е резултат на жариште во три региони. Тоа поттикна стравување од нов бран на епидемијата во оваа земја.

Поголем број од случаите во кои се работи за локална трансмисија на коронавирусот се откриени во регионот Ксинџијанг во северозападниот дел од земјата, според националното здравство. Во тој регион болеста е откриена во главниот град Урумки.

Во северозападната покраина Лиаонинг, минатата недела биле откриени 14 случаи на локална трансмисија во градот Далиан.

Уште два случаи на локален пренос се откриени во соседната покраина Џилин во близина на севернокорејската граница и се работи за прв случа од крајот на мај.

Четири други случаи се потврдени денеска и се припишани на таканаречените „увезени“ случаи.

Кинеските власти воведоа масовно тестирање на жителите во градот Далиан, а втор бран тестирања вчера беа спроведени во Урумки.

Досега се тестирани над 2,3 милиони луѓе во градот од 3,5 милиони жители.