Еден вработен на аеродромот во Окленд, Нов Зеланд, е позитивен на коронавирусот само еден ден откако беше отворен „патувачкиот меур“ помеѓу Австралија и Нов Зеланд, пренесува „Би-би-си“.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, изјави дека работникот се заразил чистејќи авиони од „земји со висок ризик“, и додаде дека не очекува овој изолиран случај да влијае на аранжманот за патувања меѓу двете земји.

– Кога го одобривме патувачкиот меур, секако знаевме дека ќе продолжиме да имаме заразени, и го прифативме тоа како дел од нашето заедничко справување – изјави Ардерн.

Строгите гранични контроли и предвременото затворање се меѓу мерките што ги одржуваа ниските стапки на инфекција во двете земји. Но, доколку има повеќе случаи на инфекција од непознато потекло, тоа повторно ќе предизвикува регионално затворање во погодената област, а патувачкиот меур во тој случај би бил суспендиран.