Данската влада планира да исплаќа 75 отсто од платите на вработените во приватниот сектор чии работни места би можеле да бидат загрозени поради коронавирусот, но под услов работодавачите да не ги отпуштат.

Претставувајќи го планот договорен со стопанствениците и синдикатите, премиерката Мете Фредериксен, на прес-конеференција рече дека владата разбира дека би можела да се појави потребата од испраќање на работниците дома поради помалку работа, но апелира до работодавачите да не ги отпуштаат.

Планот се однесува на периодот од 9 март до 9 јуни, а максималната субвенција ќе биде 23.000 дански круни (3.067 евра) месечно. Компаниите ќе треба да ги платат останатите 25 проценти од платата на работниците, пренесува „Ројтерс“.

Работниците, пак, ќе треба да земат пет дена задолжителен годишен одмор.

Според анализи на стопанската комора, 47.000 Данци се соочуваат со ризик да останат без работа, и тоа само во туристичкиот сектор.

Ларс Сандал Соренсен од данската индустриска конфедерација рече дека мерката ќе им помогне на десетици илјади компании, предупредувајќи дека многу од нив веќе се во очајна состојба.

Лизет Рисгард, водач на данската синдикална конфедерација, рече дека „вонредни времиња бараат вонредни мерки“.

Во Данска две лица починаа од коронавирусот, а 864 се заболени.