Победата на Данска врз коронавирусот прогласена во септември, се покажа како краткотрајна. Земјата тогаш ги повлече рестрикциите, а властите повеќе не го класифицираа вирусот како социјално критична болест. Меѓутоа, се покажа дека победата беше прерано прогласена, пренесува „Си-ен-ен“.

Благодарение на високото ниво на вакцинација кај населението, животот во Данска во септември полека се врати во нормала. Сертификатите повеќе не беа потребни за влез во баровите, рестораните, ниту во јавниот превоз. Носењето маска и групирањето исто така не беа задолжителни. Но, токму опуштените мерки доведоа до зголемување на бројот на инфекции, од 200 заболени на дневно ниво во септември, до околу 2.300 дневни случаи во изминатите неколку денови.

– Во контекст со другите земји кои се борат со вирусот, Данска допрва влегува во третиот бран, додека другите земји сега се соочуваат со четврт бран – објаснува данскиот министер за здравство, Магнус Хејнике.

Данската влада предложи повторно воведување на дигиталните „ковид-пропусници“, односно доказ за вакцинација или негативен тест, со што мерката треба да биде одобрена од парламентот. Вакцинирањето со трета, односно бустер доза, исто така се препорачува како дополнителна заштита од вирусот.

Со зголемениот број на нови случаи поради делта-сојот, голем број земји во Европа, меѓу кои и Данска, сега размислуваат да ги вратат мерките и ограничувањата. Поради релаксирањето на мерките и малиот степен на вакцинација во одредени европски земји, Светската здравствена организација предупредува дека зимава од ковид-19 би можеле да починат околу половина милион луѓе.