Јужна Кореја, Кина и Сингапур се меѓу азиските земји кои се соочуваат со втор бран на коронавирусот, поради големиот број државјани кои се враќаат во своите земји.

Кина, каде вирусот најпрво се појави, потврди дека нема нови локални случаи, што е првпат од почетокот на епидемијата. Но, потврдени се 34 нови случаи меѓу повратниците во таа земја. Бројот на починати во Кина достигна 3.245.

Сингапур исто така потврди 47 нови случаи, од кои 33 дошле од странство.

А пак Јужна Кореја има 152 нови случаи, но и натаму не се знае колку од тие дошле од странство.

Најтешко погодениот регион Хокаидо во Јапонија ја укина вонредната состојба, која беше на сила од февруари, откако властите објавија дека епидемијата се стивнува. Во оваа земја досега се заразени 923 лица, а починаа 32.