Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментирајќи го убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ рече дека ќе и предложи на Владата кога ќе се формира, да ги разгледа сите прашања и препораки на Советот на Европа во врска со повторното воведување на смртната казна за најтешките кривични дела – пренесе „РТС“.
– Едно време јавно се залагав и барав Владата на Србија да размисли со Советот на Европа и со сите други, дали е можно повторно да се воведе смртната казна, без да се трпат правни и политички последици, без да бидeмe казнети за тоа – изјави Вучиќ.
Тој додаде дека сериозни се оправдувањата на оние кои се против смртната казна.
– Ако еднаш згрешите, а после 10 или 30 години се утврди дека сте згрешиле, тоа е многу поголем грев отколку некому да му дадете помала казна – посочи Вучиќ.
Претседателот, во изјава за „ТВ Информер“, потсети дека тоа го предложил по масовните убиства во основното училиште „Владислав Рибникар“ и во селата Дубона и Мало Орашје.
– Штом се вратам од Париз овој предлог и во писмена форма ќе го испратам до Владата на Србија, па кога ќе формираат Влада нека размислат дали ќе излезат со таков предлог пред Народното собрание со амандмани на Кривичниот законик или не – рече Вучиќ.