фото: Маја Јаневска-Илиева

Кампањата за претседателските избори влегува во четвртиот ден. Претседателски кандидати ги презентираат програмите на митинзи, дебати и средби со граѓани.

Изборниот караван на кандидатот на Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе ги посети општините Дебарца, Вевчани, Струга и Охрид.

Кандидатката за претседател поддржана од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните на Зрновци, Виница и Кочани.

Изборниот штаб на кандидатката за претседател од Левица, Билјана Ванковска најавува дека ќе има средба со граѓани од отворен тип во населбата Волково, во општина Ѓорче Петров, а во Тетово, во Музејот на тетовскиот крај ќе ја претстави својата програма.

Кандидатот за претседател на државата од Европскиот фронт, Бујар Османи, денеска во Скопје ќе одржи прес-конференција на тема: Формирање на Меѓународен борд за сертифицирање на сите носители на јавни функции.

Кандидатот за претседател на коалицијата ВРЕДИ Арбен Таравари, ќе оствари средба со лекарите во кафеана „Гарден“ во Тетово, а придружувани од претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, ќе имаат заедничка активност во Попова шапка.

Караванот на кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе биде во Вевчани, Струга и Охрид.

На централен митинг вчера во Кичево, за кој рече дека е град – Македонија во мало, кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски поддржан од СДСМ го нагласи значењето на соживотот. Рече дека ги исполнил очекувањата во изминатите пет години зашто не ги делел луѓето, еднакво третирал секој човек, почитувајќи го потенцијалот на секого што е корисен за добросостојбата на државата.

-Само така можеш да се наречеш претседател на сите граѓани. Улога на претседателот  е да сплотува. Делбите се најголемата закана. Мал народ сме и ако се глодаме, ако се јадеме меѓу себе, нема да напредуваме – порача Пендаровски.

За претходниот мандат рече дека бил во тежок период, со корона пандемија, но сепак се случиле добри работи за државата, пред се членство во НАТО благодарение на политичката структурата во која е и тој, која „конечно успеала да го реши тоа“, како што рече,  по цена и да загуби од рејтингот и популарноста, но за подобар живот на следните генерации. Македонија денес е рамноправна членка на НАТО меѓу најмоќните и најдемократски држави – рече Пендаровски.

-Нашиот пат може да биде само евроатлантскиот, Америка и Западна Европа. Тоа се урнеците кои мораме да ги следиме и на кои мора да се огледуваме. Сѐ друго е замајување на народот и се друго е враќање назад во комплетно неизвесна иднина која ни ја нудат некои, за жал и овие денови во рамки на оваа кампања – истакна Пендаровски.

Главната опозициска партија, рече тој, е против Рамковниот и Преспанскиот договор и „денеска да се во можност би го смениле или поништиле Рамковниот договор и би го промениле Преспанскиот договор“. Повика да им се каже „масовно ’не’ на таквите обиди и опции“.

Во рамките на кампањата за претседател на државата, во својот говор на предизборниот митинг во Неготино, кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, се спротивстави на мислата на филозофот Хегел, кој смета дека секој народ ја заслужува својата власт. Според неа, Хегел не е во право, затоа што Македонците заслужуваат подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат.

– Оваа држава е далеку од правна држава, државата ни е партиска! Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене. Секој ден ќе ви докажувам дека мојот легитимитет извира од вас, а не од некој друг – рече таа.

Таа нагласи дека сега постојат две држави во една, две собранија, два премиера.

– И за тоа вината е и кај шефот на државата. Негова улога е да обединува и да помирува, да гради единство меѓу власта и опозоцијата, меѓу мажите и жените, меѓу лицата со попреченост и другите – нагласи таа.

Според Силјановска Давкова, сликата за Македонија во светот ја даваат државните претставници „и затоа сме држава што не ужива углед во светот“.

Кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски вчера од Крушево, ги истакна своите заложби за надворешната политика во која нагласи дека Македонија ќе чека за членство во ЕУ до 2030 година. Јакнење на улогата на Македонија во НАТО-структурите и во Европската Унија и повеќе почит за Македонија и за нејзините граѓани – изјави Јакимовски пред Македониумот во Крушево.

-Во надворешната политика, се разбира, поддршка на Македонија и понатаму и јакнење на улогата на Македонија во НАТО-структурите, во рамките на Европската Унија. Мојата мисија би била да се дигне дигнитетот на Република Македонија, она што бараме е само малку повеќе почит за Македонија и за граѓаните и она што мора да ѝ го соопштиме на Европската Унија е дека ние сме подготвени да чекаме пред вратата на Европската Унија до 2030 година, а потоа не сме подготвени. До каде сме стигнале, толку е, а натаму ќе си бараме решенија за сите проблеми на нашите сограѓани, особено за економските проблеми што ги има Република Македонија – изјави Јакимовски.

Претседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари вчера во Скопје рече дека очекува убедлива победа на претстојните претседателски избори, во спротивно, нагласи дека се согласува со предлогот на Крешник Бектеши од ДУИ да се повлече од политиката оној кој ќе ги изгуби изборите.

– Очекувам победа, тоа е дефинитивно и нема дилеми. Тоа беше одговор на Бектеши од ДУИ, дека кој ќе изгуби треба да се повлече од политиката и јас се согласувам со него, како и се надевам дека истото важи и за другата страна. Ако прифатат тие, ние ќе го прифатиме истото – рече Таравари.

Претседателскиот кандидат денеска заедно со подмладокот на Коалицијата „Вреди“ во Градскиот парк во Скопје го одбележа Меѓународниот ден на спортот, од каде порача дека како претседател ќе се заложи за негова промоција, како и за изградба на повеќе спортски терени за младите.

Претседателскиот кандидат на Движењето „ЗНАМ“, Максим Димитриевски, вчера во Валандово, порача дека мора да се изнајде начин и модел со којшто ќе се модифицира преговарачката рамка за да се приближи тој процес на евроинтеграции и преговори напред и конечно да почнат преговорите со ЕУ за полноправно членство.

–  Да се формира меѓународен тим во кој ќе има претставници на ЕУ, кој ќе работи на прилагодување на рамката во делот на прилагодување на Францускиот предлог, односно според потребите на општеството во Македонија што би значело приближување на процесот напред, бидејќи како што стојат работите Македонија стои во место – рече Димитриевски.

Додаде дека ќе се залага да се обезбеди 13 пензија во форма на субвенција за сите пензионери, а парите за тоа би ги обезбедиле од нереализираните средства од капиталните инвестиции кои остануваат на крајот на годината.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска, вчера во Прилеп ги кажа своите ставови за клучните прашања – се залага за нов устав, поништување на Договорот со Бугарија, ревидирање на Преспанскиот договор, излегување од НАТО и водење надворешна мултивекторска политика каде главно ќе биде економскиот интерес на Македонија.

-Не настапуваме со прашање дали Бугарите ќе бидат во Уставот, туку настапуваме со сосема нов устав, бидејќи овој продуцира нефункционилен политички и уставно-правен систем. Во план ни е раскинување на Договорот со Бугарија, а Преспанскиот договор, исто така, ќе биде предмет на преобмислување, односно на оспорување во периодот што следува.  Во петгодишен период ќе се случуваат многу болни и сериозни прашања. Она што мене ме дефинира како кандидат е постапката за излегување од НАТО, зашто, според мојата проценка, и како професор, и како човек во политичка функција, светот влегува во нова фаза на редефинирање на меѓународните односи, меѓународната безбедност и мислам дека на Македонија не и треба инвестирање во туѓи и империјални војни и, никако, ниту нашиот буџет, ниту нашите деца се за туѓи боишта – рече Ванковска.

Ванковска се залага за водење надворешна мултивекторска политика каде, како што рече главно ќе биде економскиот интерес на Македонија.

Кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи вчера во Тетово учествуваше на дебата насловена „Задржување на младите во земјава“,  од каде рече дека предлага да има фиксни квоти во пратеничките листи за младите до 27 години. Според него, тоа е потреба за да се подигне свеста на јавноста, на политиката, на општеството и на државата дека без младинска перспектива нема да има целосна перспектива за светот и политиките

– Како претседател ќе предложам да секој трет на листата за пратеници да биде од 18 до 27 години. Во секоја комисија којашто ќе ја формира локалната власт, којашто ќе ја формираат институциите, министерствата владата, парламентот, задолжително да има и млади до 28 години, за да уште од ембрионот на дизајнирањето на политиките ја имаме младинската перспектива. Да, како претседател би го имал правото на суспензивно вето за одредени закони, но обично тогаш е предоцна за да влијаете на политиките. Овие канцеларии на претседателот низ регионот ќе ја вклучат младинската перспектива, уште на почетокот на дефинирање на политиките, а преку оваа обврска, институциите во секоја комисија да имаат претставник на младите, ќе имаме можност за такво дизајнирање – истакна Бујар Османи.

Претседателските избори во земјава ќе се одржат на 24 април 2024 година, додека парламентарните избори две недели подоцна на 8 мај, кога би се одржал и вториот круг од претседателските избори. Изборот на претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.