Фото: принтскрин

Србите кои живеат на Косово и Метохија утрово почнаа да се собираат пред општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Пред зградите на тие општини има сили на косовската специјална полиција со шлемови и во целосна борбена опрема.

Има и сили на КФОР со војници вооружени со долги цевки и опрема за разбивање демонстрации, кои се распоредени пред и околу зградата на локалната власт во Звечан. Вработени во локалната самоуправа во Звечан дојдоа до општинската зграда, се обидоа да влезат, но полицијата ги запре на самиот влез, а во неколку обиди да упаднат во зградата, полицијата употреби солзавец.

Полицијата распореди специјалци на сите поголеми раскрсници на северот на Косово. Училиштата се затворени.

Ситуацијата од рано наутро е тензична на сите места на северот на Косово поради невообичаено голем број припадници на полицијата и КФОР.

Во петокот, по обидите на граѓани од северот на Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дојде до конфликт, во кој полицијата употреби солзавец, димни и шок бомби.

Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и во нив ги внесе градоначалниците Албанци.

Ричард Гренел, поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалог меѓу Белград и Приштина, утринава на својот Твитер профил објави дека „од мир и напредок до хаос и окупација“ на Косово.

– Војниците на НАТО окупираа згради во Косово. Тоа се американски војници и американски пари. Поминавме од мир и напредок за време на Трамп до хаос и окупација под Бајден. Бајден е толку слаб – напиша Гренел.

Во својата објава на Твитер под наслов „последна вест“, Гренел сподели видео од улицата на која се наоѓа општинската зграда во Лепосавиќ, на која се гледаат бодликава жица и голем број припадници на КФОР.