Фото: Џо Бајден/инстаграм

Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека постигнал договор со претседателот на Претставничкиот дом на републиканците, Кевин Мекарти за зголемување на границата на долгот од 31,4 билиони долари до 1 јануари 2025 година и дека Конгресот сега може да гласа за тоа, пренесе МИА.

– Овој договор е добра вест за американскиот народ“, изјави Бајден во Белата куќа по разговорот со Мекарти. „Со тоа се симнува од маса катастрофалната закана од банкрот и го штити нашето тешко стекнато и историско економско закрепнување – додаде Бајден.

Договорот за јавниот долг, кој ја спречува владата да прогласи банкрот, што би било првпат во американската историја, доаѓа по неколку неделни преговори меѓу Бајден и републиканците во Претставничкиот дом.

Сепак, договорот мора да помине низ тоа поделено тело пред 5 јуни, кога Министерството за финансии на САД ќе објави дека нема повеќе пари.

– Силно ги повикувам двата дома да го прифатат договорот – рече Бајден, додавајќи дека очекува Мекарти да има доволно поддршка за потврда на договорот.

Договорот беше критикуван од десничарските републиканци и левичарските демократи, но Мекарти претходно во неделата изјави дека верува дека ја има поддршката од мнозинството републиканци.

Овој договор ќе го суспендира лимитот на долгот до 1 јануари 2025 година, ќе ги ограничи државните трошоци во буџетите за 2024 и 2025 година, ќе ги врати неискористените средства наменети за борба против пандемијата, ќе го забрза издавањето дозволи за некои енергетски проекти и ќе воведе дополнителни работни обврски во социјалните програми.