Фото: Игор Бансколиев

Евроинтеграцискиот процес на Македонија би можел да биде олеснет и да го избегне бугарското попречување со користење на вето, доколку се реализира предлогот на шефовите на дипломатии на седум земји-членки на ЕУ, кои јавно се заложија за поголема употреба на квалификувано мнозинство при носење одлуки поврзани со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Зад иницијативата истакната во колумна за бриселскиот портал „Политико“ стојат министрите за надворешни работи работи на Германија, Белгија, Луксембург, Холандија, Романија, Словенија и Шпанија.

– Додека гледаме кон иднината, оваа способност да се преземе одлучна акција ќе остане клучна за улогата на ЕУ како надворешнополитички актер со желба да ги задржи вредностите и интересите на граѓаните во глобалната арена со зголемена неизвесност. Потребна ни е ЕУ што дава цврсти, видливи резултати. Како што покажуваат неодамнешните случувања, исто така треба да го засилиме нашиот капацитет да одговориме во кризни времиња, сега, повеќе отколку кога било претходно. Како што ЕУ се проширува, успешната европска интеграција бара институциите да функционираат ефикасно. Но, во минатото, таквата решителна акција од ЕУ не секогаш беше достапна. Мнозинството на одлуки во надворешната политика на ЕУ бараат едногласност, што во некои случаи може да ја забави нашата способност да дејствуваме – се наведува меѓудругото во колумната на министрите.

Тие предлагаат прагматичен пристап кој се фокусира исклучиво на прашањата поврзани со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и користи веќе вградени одредби во Договорот за Европската Унија, со цел да се овозможи пофлексибилен начин на одлучување.

Примената на овој предлог би можела да придонесе за зголемена ефикасност во одлучувањето на ЕУ, особено во ситуации на криза, но нема да значи промена на европските договори. Треба да се истакне дека државата што блокира одредено прашање, со квалификуваното мнозинство сепак може да стави вето заедно со други членки на ЕУ.