Колку што е ова вина на протоколот, лично мене не ми е јасно како можел и министерот за надворешни работи да не забележи кои знамиња му стојат на масата, особено што станува збор за нам блиски, многу познати европски знамиња, вели Маљковиќ-Атанасовска
За жал, уште еден сериозен протоколарен пропуст на нашата земја. Грешка со државно знаме не е гаф, туку дипломатски инцидент, вели Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол.
Османи ја пречека Фајон со знаме на Словачка, наместо на Словенија
Протоколот во Министерството за надворешни работи во кабинетот на министерот Бујар Османи на вчерашната официјалната тет-а-тет средба со неговата словенечка колешка и вицепремиерка во Владата на Словенија Тања Фајон постави знаменце на Словачка, наместо на Словенија.
Зошто се лизгаме на едноставни грешки?
– Знамето е државен симбол, како и химната, тој носи особена тежина и значење кога станува збор за идентитетот на еден народ. Во протоколот мора да се внимава на ова, бидејќи погрешно знаме самото по себе значи и непознавање и непочитување на соговорникот. Навистина не ми е јасно зошто се лизгаме на вакви едноставни грешки, а многу е лесно да се избегне оваа грешка, доволно е само да се провери знамето на државата во официјалните извори. Колку што е ова вина на протоколот, лично мене не ми е јасно како можел и министерот за надворешни работи да не забележи кои знамиња му стојат на масата, особено што станува збор за нам блиски, многу познати европски знамиња – вели Маљковиќ-Атанасовска за „Нова Македонија“
Да се вработуваат стручни лица
Во протоколарните служби, објаснува таа, мора да се вработуваат стручни лица.
– И се додека се импровизира со оваа исклучително важна служба, вакви инциденти ќе може да очекуваме и во иднина – додава Маљковиќ-Атанасовска.
Инаку, во официјалното известување од средбата на Османи со Фајон не беше испратена фотографија од разговорите во кабинетот во МНР, туку од прес-конференцијата, од покривот на зградата на МНР, како и една заедничка кога двајцата државници стојат пред големи знамиња. Утнатото знаменце се гледа на снимките од средбата кои ги направија телевизиите.
МНР се извини за пропуст
Министерството за надворешни работи денеска преку соопштение до медиумите изразува длабоко извинување за, како што се наведува, „ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата министри при посетата на министерката Фајон на земјава, кое беше едно од десетте државни обележја кои беа употребени за време на средбите“.
– Во исто време дозволете да информираме дека состанокот, како всушност и целата посета на министерката Фајон помина во исклучително позитивна и пријателска атмосфера со важни пораки кои беа разменети и на самите состаноци, но и испратени во јавноста. Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата. Информираме дека Министерството за надворешни работи дополнително ќе ги зајакне протоколарните проверки со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација – се наведува во соопштението од МНР.
Ова не е првпат Македонија да падне на испитот на прашањето за познавањето на знамињата на државите од светот. Поранешниот австриски премиер Себастијан Курц беше пречекан со знаме на Летонија, пред црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ знамето беше поставено наопаку, а амбасадорот на Франција Тимоние во Охрид беше пречекан со знаме на Холандија.