Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со свирење во 5 до 12, денеска пред Владата вработените од ЈСП „Скопје“ симболично побараа Министерството за образование и наука и дел од општините да им ги исплатат средствата кои им ги должат за да земат плата.

Вработените во ЈСП не добиле плата за септември и се пред штрајк. Од раководството на ЈСП и од Град Скопје, кои се надлежни, велат дека за тоа е виновна Владата која на претпријатието му должи речиси два милиони евра, долг што Владата го негира. Долгови кон ЈСП имаат и други општини.

Доколку денеска не ја добијат септемврската плата, вработените во ЈСП се заканија дека утре со семејствата ќе протестираат пред седиштето на јавното претпријатие.

Според секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров, Министерството за образование и наука на ЈСП „Скопје“ моментно му должи вкупно 120 милиони денари, 40 милиони денари должат општините, а дополнителен финансиски притисок, како што истакна, претпријатието чувствува и поради наследениот долг од 90 милиони денари кон приватните автобуски превозници.

– Граѓаните можеа да ги слушнат сирените кои свиреа во 5 до 12. Тоа беше едно симболично предупредување со кое сакаме да укажеме дека оние кои што должат треба да ги исплати своите долгови. Скопјани заслужуваат јавен превоз, скопјани ќе го добијат јавниот превоз кој ќе го реализираме без разлика на проблемите со кои се соочуваме и без разлика на притисокот кој ни се прави – истакна Глигоров.

Тој меѓу другото нагласи и дека вработените во ЈСП „Скопје“ заслужуваат да ги добијат своите плати, но притоа одби да прецизира кога точно ќе биде направено тоа.

Синдикатите во ЈСП во понеделникот алармираа за доцнењето на платата. Тогаш раководството на ЈСП соопшти дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз.

– Вработените во ЈСП се гладни. Гладни се и нивните семејства – рече претседателот на еден од синдикатите во ЈСП, Миќо Стојановски.

Наместо препукувања, меѓу надлежните, Стојановски изрази надеж дека ќе се најде решение за нивната ситуација.

Утринава дополнително се создаде хаос поради лажна дојава за бомба и автобусите на ЈСП токму во најфрекфентиот период беа повлечени од сообраќај, па граѓаните долго чекаа за да стигнат на работа или на училиште, откако по налог на МВР сите возила на ЈСП беа повлечени од сообраќај.

– Лицето, вработено во ЈСП, а кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР – соопштија од одделението за јавност во ЈСП.

Лидерот на независниот синдикат на возачи во ЈСП, Африм Муча најави пријава за в.д директорот на јавното претпријатие Александар Стојковски за клевета и навреда.

-Мене ме обвини дека јас сум тој за целата ситуација што денеска се случи. Бомбаш. Значи голем срам еден директор тоа да го изјави денеска – рече Муча.

Тој додаде дека директорот му се обратил со зборовите „Африм ќе видиш ти што ќе ти се случи ова ти го направи денеска“, за што, според Муча, има и сведоци.

– Градоначалничката, односно Градот Скопје земаа плата. Они се со полни стомаци. Ние не сме. Денеска е 19 кога ќе добиеме плата. Кога ќе јадеме ние – додаде Муча.

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати КСС, Благоја Ралповски побара од директорот на ЈСП јавно да му се извини на Муча.

– Треба виновникот да си го бара во самиот себе и во Град Скопје. Значи под итно да  седнат да направат една калкулација не само за овој месец, како ќе се исплати платата, туку и до крајот на годината како ќе функционира јавното претпријатие – изјави Ралповски.

Инаку, првиот човек на ССМ, Дарко Димовски го поддржа штрајкот и рече дека не смее да се дозволи ваква ситуација, посебно во градскиот превоз.

– Апелирам до градоначалничката да не се лаже дека утре и еден автобус ќе излезе за да врши јавен градски транспорт – рече Димовски.

Министерството за образование и наука и денеска информираше дека редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти за што има регулирани законски надлежности или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај со ЈСП „Скопје“.

– Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, оваа календарска година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021/2022, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – се наведува во денешното соопштение од МОН.

Од Министерството велат дека нивна интенција не е намалување на правата на идните академски граѓани, туку напротив, постојано проширување на можностите за поддршка, што многупати досега е потврдено преку воведување на нови категории на стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување на субвенциониран студентски оброк, доделување на ваучери за поддршка при студирањето и така натаму.

– МОН ќе предвиди средства во својот буџет за 2023 година за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП. Секако во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство – се посочува во соопштението.