Кој тоа од позиција на сила се меша во внатрешни работи, загрозува суверенитет, а и територијален интегритет

Србија од поодамна се наоѓа во надворешнополитичко менгеме, а притисокот од ден на ден се зголемува. Се разбира дека нејзината стратегиска цел е Европската Унија, меѓутоа патот по кој таа се движи наложува „низа чекори по сечилото на ножот“, балансирајќи помеѓу Западот, САД и Европа од една страна и Русија и Кина од друга страна. Српската воена неутралност пред корона-кризата беше еден од методите што се покажа извесно време како „амортизер“ на западниот притисок, меѓутоа тој веќе не покажува ефикасност. Српското највисоко државно раководство брифира дека до него веќе стигаат и официјални и неофицијални информации дека „Европскиот парламент ќе донесе одлука за прекин на преговорите на ЕУ со Србија поради неприфаќањето воведување санкции кон Русија“ и дека ќе нема никаков напредок на тој план во иднина.
Претседателот на Србија, Вучиќ, јасно ѝ стави до знаење на домашната јавност дека е под страшен притисок.
– Останува уште некој да ни ја стави главата на трупецот, па да кажат сега ќе земеме и секира. На крајот на краиштата, по сè, би рекле: „Дали сте на вистинската страна на историјата“, а таа вистинска страна на историјата нема многу врска со аргументите, туку всушност значи дека сте на нивна страна. Ако не сте на нивна страна, тогаш не сте на вистинската страна на историјата – забележа Вучиќ.
Во врска со вториот ултиматум кон Србија за признавање на Косово, Вучиќ му порача на германскиот пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, дека „нема да има независно Косово“.

Во новиот извештај на ЕК за Србија се чувствува значителен притисок кон Србија

Во споредба со извештаите од изминатите години, фокусот на извештајот е ставен на односите на Србија со Руската Федерација во светлината на војната во Украина. Имено, ЕК забележува дека стапката на усогласеност на Србија со препораките и одлуките на ЕУ падна од 64 отсто во 2021 година на 45 отсто во август 2022 година. Иако Србија не го отвори поглавјето 31, кое се однесува на усогласување на нејзината надворешна политика со ЕУ, бриселските бирократи како минус ја наведуваат оваа неусогласеност и додаваат дека одреден број акции и изјави на Србија се во спротивност со надворешнополитичките позиции на ЕУ.
Српските аналитичари се речиси едногласни дека може да се заклучи дека целта е „со мило или со сила“ да се придобие Србија како партнер и сојузник во наредниот период, пред сѐ поради нејзината позиција во регионот. Но извесно е дека ако биде покомплицирана ситуацијата во Украина ќе следуваат пожестоки закани и притисоци врз Србија.

ЕУ го менува пристапот во однос на Србија

Дипломатот Зоран Миливојевиќ вели дека овој извештај значително се разликува од ланскиот, бидејќи сега се заснова на геополитичките интереси, кои имаат апсолутен приоритет и немаат никаква врска со преговарачката рамка.
– Тоа значи дека ЕУ го менува пристапот во однос на нас и отстапува од преговарачката рамка и од она што е доминантно таму и му дава приоритет на тоа кои се нивните геостратегиски интереси. Тие ги програмираат преговорите за иднината на поинаков начин. Ја менуваат суштината, затоа што воведуваат нови критериуми, му даваат значење на критериумот што не постоел, а тоа е односот кон Русија, со што го условуваат напредокот. Дополнително, ја променија динамиката до тој степен што нема напредок затоа што не ги исполнувате овие услови. Да воведевме санкции, најверојатно ќе ни овозможеа да го отвориме кластерот три – вели Зоран Миливојевиќ.

Што сѐ не почитува Србија во однос на ЕУ?

Европската комисија (ЕК) во извештајот заклучи дека „само 45 отсто од српската надворешна политика и нејзините активности се усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што не соодветствува со статусот на кандидат и земја чија надворешнополитичка цел е членство во Европската Унија“! Се наведува дека „Србија не почитувала никакви рестриктивни мерки, ниту пак повеќето декларации на ЕУ во врска со војната во Украина“ и се додава дека „Србија одржувала блиски односи со Русија“.
– Заклучокот е дека со ова тие формално ги вградија најважните критериуми во документот и во иднина ќе се повикуваат на овие трудови, кои му беа предадени на претседателот Вучиќ во средата навечер, и прашањето за напредокот на Србија во европските интеграции ќе биде поврзано со овој извештај. Тие ја утврдија обврската за воведување санкции кон Руската Федерација како клучна обврска во наредниот период. Европската комисија останува на линијата на критики во однос на медиумската сцена, владеењето на правото, корупцијата и борбата против организираниот криминал – вели Зоран Миливојевиќ.
Од друга страна, дипломатот Иво Висковиќ вели дека извештајот на ЕК бил сосема очекуван.
– Сѐ што е наведено во извештајот е точно. За да се поправат негативните делови од извештајот, потребни се политичка одлучност и волја. Ми се чини дека притисокот на јавното мислење работи во спротивна насока и дека политичарите не се осмелуваат да заземат став што би ни одговарал како држава – вели Висковиќ.
На социјалните мрежи најчесто се поставува прашањето „што уште сака ЕУ од Србија?“, а се чини дека секојпат има ново барање.
Дипломатот Иво Висковиќ одговара во името на Унијата и вели дека „ЕУ само го бара она што го барала и од другите земји-членки и дека тоа се условите што ги обврзуваат потенцијалните членки да ги исполнат“.

Со поглавја или со кластери, за ЕУ е сеедно – признавањето на Косово од Србија е „услов без кој не се може“

Минатата година за првпат беше применета новата методологија на преговори, иницирана од Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон, кога таа беше префрлена од поглавја во кластери.
Новата методологија на ЕУ беше усвоена на почетокот на 2020 година, а претходните 35 поглавја, од кои поглавјето 35, кое се однесува на Косово, беше најклучно за Србија, беа поделени во шест кластери – владеење на правото, пазар, економија, зелена агенда, земјоделство и ресурси и надворешни односи.
На меѓувладината конференција на 14 декември минатата година, Србија го отвори кластерот број 4 – зелена агенда и одржливо поврзување, кој се состои од четири преговарачки поглавја (транспортна политика, енергија, трансевропски мрежи и животна средина и климатски промени).

Подготвил: Марјан Велевски