Фото: Принтскрин

Повторно се случи да биде згрешено знаме на држава на официјална средба на членови на државниот врв. Протоколот во Министерството за надворешни работи во кабинетот на министерот Бујар Османи на официјалната тет-а-тет средба со неговата словенечка колешка и вицепремиерка во Владата на Словенија Тања Фајон постави знаменце на Словачка, наместо на Словенија.

Во официјалното известување од средбата на Османи со Фајон не беше испратена фотографија од разговорите во кабинетот во МНР, туку од прес-конференцијата, од покривот на зградата на МНР, како и една заедничка кога двајцата државници стојат пред големи знамиња. Утнатото знаменце се гледа на снимките од средбата кои ги направија телевизиите.

Фото: Принтскрин

Ова не е првпат Македонија да падне на испитот на прашањето за познавањето на знамињата на државите од светот. Поранешниот аврстриски премиер Себастијан Курц беше пречекан со знаме на Летонија, пред црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ знамето беше поставено наопаку, а амбасадорот на Франција Тимоние во Охрид беше пречекан со знаме на Холандија.