Генералниот сееретар на СДСМ, Љупчо Николовски, едногласно беше избран за шеф на изборниот штаб на СДСМ на вчерашната 12-та седница на Централниот одбор на партијата. Тој беше избран на предлог на претседателот на партијата, Зоран Заев. Централниот одбор избра и нова партиска Комисија за спорт за чиј претседател го именува ракометарот Наумче Мојсоски.

Николовски во обраќањето пред членовите на ЦО рече дека СДСМ како најголема, најсилна и најорганизирана партија во државата ја води државата по прав пат и нема да дозволи деструктивните сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ да ја вратат назад, во неизвесност, изолација и нестабилност.

– Нашиот концепт е чесен и одговорен, насочен единствено кон граѓаните, кон државата и нејзината иднина. Убедени сме дека нашиот државнички концепт е препознаен од граѓаните и дека на 12 април масовно ќе дадат поддршка и дека на тој пат треба да продолжи да чекори државата напред. Секој ден и секој час макотрпно ќе работиме, заедно со секој наш член, со секој волонтер, со граѓаните. Следуваат средби со различни целни групи а на новата програма ќе работат и комисиите со вкупно 160 сектори. Ќе ги вклучиме и граѓанските организации и повторно новата Влада ќе ја формира СДСМ. Затоа што имаме чист, јасен, државнички концепт – рече Николовски.

Централниот одбор на СДСМ ја задолжи заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, да ги координира активностите за новата изборна програма на партијата, за изборите на 12 април.

Централниот одбор заклучи дека клучните столбови од Програмата на СДСМ за само 2,5 години се реализирани и дека тоа е вистинскиот пат по којшто треба да се движи државата.

Заев, пак, рече дека СДСМ е фаворит согласно анкетите, но и теренските активности и партијата подготвена ќе влезе во изборниот процес.

– Го засиливме присуството на терен, меѓу граѓаните. Само во летниот период одржавме над 600 маалски и урбани средби, во тек се трибините кои граѓаните силно ги поддржуваат. Имаме што да кажаме затоа што имаме сработено многу во сите сегменти. Даваме отчет пред граѓаните за сработеното но и креираме нови политика. Масовноста на овие трибини и настани на СДСМ како и сите релевантни анкети потврдуваат, СДСМ е фаворит на изборите кои ќе се одржат на 12 април – рече Заев.