Министерството за надворешни работи преку Координативното тело за помош и поддршка на државјани на Република Македонија кои, поради новонастанатата ситуација со коронавирусот (COVID-19), се наоѓаат затекнати на граничните премини на други држави и аеродроми, оствари мноштво контакти и разговори како со засегнатите наши граѓани, така и со различни институции во државата и во странство со цел изнаоѓање на решенија и давање соодветни информации и совети.
– По интензивна комуникација и координација со наши граѓани кои се враќаат во државата, како што е случај со тие од Малта, Шпанија или транзитирањето низ Република Србија и Република Албанија, се преземаат најсоодветни можни решенија, во услови на менување на околностите на дневна основа – велат од МНР.
Во Малта нашите граѓани се упатуваат за враќање во државата преку аеродромот во Истанбул; во Шпанија, како земја со висок ризик, се изнаоѓаат алтернативни дестинации и транзити како нашите граѓани би можеле да допатуваат во Скопје, што е случај и со аеродромот во Белград, а се работи и во координација со соседна Албанија.
Дополнително од Министерството одговориле на голем број прашања на наши граѓани кои се соочуват со практични проблеми поврзани за престојот во странство, патување низ територијата на државите во Европа, како и можноста за нивно враќање во државата.
Министерството за надворешни работи прави напори за надминување на ваквата состојба и остварува постојана комуникација со сите заинтересирани страни, согласно мерките и препораките на Владата, како и согласно мерките на другите држави во кои престојуваат или транзитираат нашите граѓани.