Истражувачки тим на македонскиот весник „Илинден“ од Албанија ја отвори аферата за бугарските пасоши како алатка за деноминирање на македонскиот идентитет во Албанија, но и како политички криминал
- Истражувачкиот тим на „Илинден“ од Тирана со години собира докази за сомнителни постапки за стекнување бугарско државјанство, а полициското истражување со кодно име „Идентитет“ отвори сериозни прашања за фалсификувани документи, улогата на посредници и за обидите за етничко-малцинско прекројување во Албанија
Истражувачкиот тим на македонскиот весник „Илинден“ од Тирана подолго време доаѓа до сознанија, но и до конкретни материјални докази дека од официјална Софија активно и исклучително агресивно се доделуваат бугарски пасоши и бугарско државјанство токму за граѓаните со македонско етничко потекло, кои се декларираат како Македонци, со цел создавање бугарски етнички идентитет, што е проследено со пакет на многубројни бенефиции за оние што ќе се „преобратат во Бугари“. Македонскиот весник „Илинден“ од Тирана јавно го поставува прашањето дали со ваквите постапки за давање бугарски пасоши и државјанства се користи стариот метод за создавање политичка слика што не одговара на вистинската етничка структура на населението во Албанија?
Прашањето е особено чувствително за Македонците во Албанија, кои со генерации ги зачувуваат својот македонски јазик, култура и национална самосвест. За нив, проблемот не е во правото на секој граѓанин да бара државјанство на друга земја, туку во евентуалното претворање на тоа право во инструмент за оспорување на македонското постоење како посебна национална заедница.
– Сакаме да им порачаме на оние што ја прават оваа агресија за деноминација на Македонците во Албанија, дека јасно ни е што се прави овде, и во Пустец и во Голо Брдо и во Тирана… и секаде каде што има Македонци во Албанија. Им порачуваме дека патната исправа сама по себе не е доказ за етничка припадност! Еднакво така, стекнувањето странско државјанство не значи автоматско откажување од сопствениот македонски идентитет. Меѓутоа, имаме низа докази дека во постапките се користат лажни документи, фиктивни потврди или недозволени посреднички практики. Оваа афера, која има корени сѐ до Софија, ги надминува личните граѓански избори и бара институционална истрага – велат наши соговорници од Тирана, Албанија.
Истражувачкиот тим на „Илинден“ со години ја следи оваа појава и тврди дека располага со материјални докази за активности на поединци и организации, кои, според редакцијата, придонесуваат за оспорување на македонскиот идентитет во Албанија. Тежината на овие наводи бара детална проверка, јавно достапни докази и одговори од сите засегнати институции.
Операцијата „Идентитет“: Случајот што институционално ја отвори Пандорината кутија за јавноста
Само за потсетување. Сериозен пресврт во расправата претставува полициската операција „Идентитет“, спроведена во Албанија, која, според информациите на тамошните органи за внатрешни работи, била насочена кон сомнежи за фалсификување документи со цел обезбедување бугарски пасоши. Според објавените информации, во април годинава албанската полиција привела 49-годишен бугарски државјанин при обид да ја премине границата. Во неговото возило биле пронајдени 21 документ за кои постоел сомнеж дека се фалсификувани и дека биле наменети за граѓани на Албанија. Истрагата, според полициското соопштение пренесено во доставениот материјал, започнала по сознанија дека одредени лица изработувале документи со кои граѓани биле прикажувани како жители на административната единица Острени, во областа Дебар, а потоа тие документи биле испраќани во Бугарија за потребите на постапките за државјанство. Случајот добива дополнителна тежина поради наводната вмешаност на лица што извршувале јавни функции во Албанија, но и лица што се странски државјани во Албанија. Според материјалот, меѓу приведените биле и актуелниот и поранешниот администратор на административната единица Острени, за кои постоеле сомнежи дека ја злоупотребиле службената положба при издавањето документи.
И црн бизнис од посредувањето и давањето пасоши и бугарски државјанства
Во аферата се преплетуваат и криминални бизниси со високи финансиски интереси што се развиваат околу постапките за стекнување бугарско државјанство. Според сведочење на соговорници, постојат посредници што ветуваат брзи пасоши, решенија за бугарско државјанство, гарантирано завршување на постапката или полесен пристап до потребните потврди. На ова одговор треба да дадат истражните органи на Албанија, кои се веќе во тек и отвориле истражна постапка. Но изворите тврдат дека истрагата е мошне тромава и засега немаат информација дека постојат регистрирани сведочења, документи и други проверливи докази, па затоа не може однапред да се каже обемот на евентуалниот бизнис.
Редакцијата на „Илинден“ исто така отворено ја поставува дилемата за односот меѓу економскиот интерес и националното самоопределување. Дали некои граѓани се наведуваат да прифатат одредени административни и етнички квалификации за да дојдат до посакуваната исправа? Дали постојат посредници што го претвораат прашањето на потеклото во профитабилна услуга? И дали институциите доволно темелно ги проверуваат доказите врз кои се засноваат барањата?
Голо Брдо и прашањето за македонскиот идентитет
Особена чувствителност на случајот му дава областа Голо Брдо, каде што живее македонско население со препознатливи јазични и културни особености и долга традиција на локален живот. Македонските претставници во Албанија со години предупредуваат дека постојат активности насочени кон претставување на дел од македонското население како бугарско. Според нивните тврдења, во тие процеси се вклучени поединци, здруженија и организации што добиваат поддршка од Бугарија.
„Илинден“ оценува дека не станува збор само за прашањето кој пасош го поседува еден граѓанин, туку за поширок процес во кој административните постапки, финансиските поттикнувања и политичките активности можат да влијаат врз националното самоопределување. Во таквата слика, пасошот станува повеќе од патна исправа. Тој може да се користи како аргумент во јавни дебати за етничката припадност, а бројот на лица што аплицираат за државјанство да се претставува како показател за наводно постоење или ширење на одредена, т.е. бугарска национална заедница, на сметка на македонската.
– Македонското малцинство има право на своја национална припадност, и таа да биде почитувана, без оглед на економските одлуки што ги носат поединечните граѓани. Исто така, секој граѓанин мора да има слобода да го искаже сопствениот идентитет без притисоци, закани или финансиски условувања. Затоа, суштинското прашање не е дали некој Македонец од Албанија поседува бугарски пасош, туку дека постојат агресивни и систематски организирани обиди да се влијае врз македонското самоопределување, името, потеклото и местото на живеење и тие се прикажуваат на невистинит начин – велат од истражувачкиот тим на весникот „Илинден“.
И пописот од 2023 година да оди под лупа
Сомнежите за влијание врз националното самоопределување се прошируваат и врз пописот на населението во Албанија од 2023 година. Според македонското друштво „Илинден“ – Тирана, постојат индиции дека врз дел од граѓаните биле вршени притисоци, закани или финансиски поттикнувања за да се изјаснат како Бугари. Друштвото, исто така, повикува да се испита дали одредени лица биле поставувани на пописни позиции поради нивната поврзаност со мрежи што посредувале при стекнувањето бугарско државјанство. Овие наводи можат да се поткрепат со сведоштва и докази, а станува збор за прашање од сериозен јавен интерес. Пописот е основа за статистичко претставување на населението и не смее да биде инструмент за политичко влијание врз етничкото самоопределување. Токму затоа „Илинден“ континуирано апелира и повикува на проширување на истрагата што заслужува институционален одговор од страна на албанските надлежни институции.
– Надлежните органи нека утврдат дали имало прекршувања на законот, а доколку постојат докази, да ги идентификуваат одговорните без оглед на нивната функција, националност или политичка поврзаност – велат оттаму.
За истражувачкиот тим на „Илинден“, суштинскиот проблем е дали овие податоци се користат за политичко претставување на бугарско присуство во области каде што постои историски вкоренета македонска заедница. Тоа прашање бара проверка на изјавите на политичките претставници, официјалните статистики и документацијата што ја поседуваат институциите. Истражувачкиот тим на „Илинден“ најавува дека поседува материјали што, според редакцијата, укажуваат на поширока слика на дејствување против македонскиот идентитет. Тие материјали треба да бидат систематизирани, проверени и, каде што е можно, ставени на располагање на надлежните институции и јавноста, со почитување на законот и заштитата на личните податоци.
Идентитетот не е административна категорија
Аферата со сомнителните документи за бугарски пасоши отвора пошироко прашање за односот меѓу државјанството, етничката припадност и политичките интереси на Балканот. Таа покажува колку е важно постапките за стекнување државјанство да бидат транспарентни и засновани врз законски проверливи критериуми, особено кога станува збор за чувствителни прашања како потеклото и националниот идентитет. За Македонците во Албанија, предизвикот е двоен. Имено, прво, да ги зачуваат сопствената национална самосвест, јазикот и културната традиција, но и да бидат помогнати и од матичната држава, но и од меѓународните организации, особено европските, како ФУЕН или Советот на Европа од Стразбур.
За албанските власти, задачата е да ги истражат сомнежите за фалсификување и злоупотреба на службената положба. За бугарските институции, обврската е да обезбедат транспарентни постапки за државјанство и да одговорат на прашањата за евентуалните неправилности. За европските институции, случајот е потсетник дека заштитата на малцинските права бара доследност, независни проверки и почитување на слободното самоопределување.
Истражувачкиот тим на „Илинден“ ја отвора оваа тема како прашање од висок јавен интерес. Токму затоа аферата не треба да се сведе ниту на обична административна неправилност. Нејзиното целосно расветлување е важно за владеењето на правото, за довербата меѓу соседите и, пред сè, за правото на Македонците во Албанија слободно да го зачуваат и да го изразуваат својот национален идентитет. Р.С.
































