Додека Македонија се подготвува да го одбележи утрешниот 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, зборот револуција постојано се спомнува во светската јавност при коментирање на протестите што се шират низ Европа, од Тирана преку Париз до Брисел. Очекувано, најчесто се поврзува со Франција во контекст на тамошната револуција од крајот на 18 век, која означи период на голема политичка и општествена промена, како во земјата така и во Европа во целина.
Деновите на гнев што сега ги гледаме во Франција се исполнети со симболика, особено видлива на познатата статуа на Маријана во Париз, која претставува персонификација на Револуцијата. Таа за време на протестите беше облечена во жолт елек, каков што носат дел од демонстрантите, додека мермерните претстави на слободата, еднаквоста и братството во нејзиното подножје останаа оштетени и извалкани со боја по немирите. Демонстрантите, пак, нагласуваат дека овие вредности врз кои се темели француското општество за нив се обесмислени и изневерени.
Францускиот претседател во заминување, Емануел Макрон, во 2017 година објави книга насловена „Револуција“, во која вети дека на земјата ќе ѝ ја врати надежта (пред да победи на претседателските избори), а сега, во завршната фаза од неговиот мандат, во која веќе не поседува реална политичка моќ, тој се соочува со народно востание, кое зад себе остава запалени јавни објекти и ограбени продавници, што се толкува како неуспех на неговиот политички проект. Тоа го заклучува британски „Гардијан“ во уреднички коментар во кој се обидува да ја објасни состојбата во Франција. Но тоа е општ впечаток, без разлика на причините за протестите, односно на мотивите и нивната идеологија.
И македонскиот народ гласно искажа незадоволство кон политиките на Макрон, откако тој ја изготви рамката именувана „француски предлог“ за надминување на бугарската блокада врз Македонија. Идејата на Макрон потоа стана главна матрица по која Брисел го мери македонскиот напредок во евроинтеграциите, туркајќи ги во втор план Копенхашките критериуми, на сметка на наметнати идентитетски, историски и јазични прашања. Згора, Макрон остана нем кога во земјава се организираа низа протести поради францускиот предлог, чии одредби во најголем дел се спротивни на меѓународното право, пред сè во однос на самоопределувањето и самоидентификацијата на Македонците.
Токму тој отпор кон неправдата, уцените и наметнатите непринципиелни барања со кои се соочуваме денес, покажува дека борбата на македонскиот народ мора да биде континуирана, во духот на цврстите определби на голем број револуционери, борци и истакнати дејци, кои одбиле да го „свиткаат ’рбетот“ и да дозволат понижување на сопствениот народ, решавајќи да се борат за остварување на нивните идеали, дури и по цена на сопствениот живот.
Претстојниот празничен ден со своите историски пораки нè потсетува дека борбата за Македонија никогаш не била еднодимензионална, туку се водела за слобода, за национално самоопределување, за право на сопствен јазик, култура и историска меморија, а подоцна и за меѓународно признавање и зацврстување на државноста.
Шестемина македонски дејци што на 23 октомври 1893 година во Солун ја основале Македонската револуционерна организација носеле идеја што е значајна и денес – македонското прашање да не стане заложник на туѓи интереси и пресметки, туку Македонците сами да ја преземат одговорноста за својата иднина. Таа идеја добива поширока историска димензија преку Илинденското востание и Крушевската Република, преку антифашистичката и Народноослободителната борба, преку АСНОМ во 1944 година и конечно, преку референдумот од 8 септември 1991 година, кога граѓаните се определија за суверена и независна држава.
Секоја генерација е ставена на нов тест, а различните историски околности налагаат различни форми на борба. Предците се соочувале со воени и политички револуционерни предизвици, а денешните генерации со современите искушенија: економските неизвесности, недостигот од доверба во системот, иселувањето надвор од државата и притисоците што произлегуваат од сложените меѓународни односи. Затоа пред сите нас стои еднакво сериозна и одговорна задача: да дејствуваме, секој во рамките на своите можности, со труд и знаење, за државата да биде доволно силна за да ги штити интересите на своите граѓани, дома и надвор. Нека е честит празникот и нека продолжи заедничката борба за подобро утре!
































