Фото: „Нова Македонија“

Предупредување на Европската централна банка (ЕЦБ) за енергентите, инфлацијата и за храната

  • Во анализата објавена на 20 октомври 2026 година на блогот на Европската централна банка (ЕЦБ), економистите Кристофер Фукс, Марија Хелмер, Филип Лане и Кристофер Шмит ги разгледуваат причините за привидното смирување на прехранбената инфлација во еврозоната и за ризиците што би можеле повторно да ги вивнат цените нагоре. Нивниот клучен заклучок е дека забавувањето на инфлацијата не значи враќање на претходната куповна моќ; храната останува значително поскапа отколку пред неколку години, а новите енергетски и климатски притисоци дополнително го оптоваруваат стандардот на домаќинствата. Анализата отвора и пошироко прашање за економските политики на ЕУ и во Европа

Во еврозоната, годишната инфлација кај храната се намали од 2,6 отсто во јануари на 1,1 отсто во август 2026 година, за во септември благо да порасне на 1,3 отсто. На прв поглед, податоците изгледаат охрабрувачки. Но, според гореспоменатата анализа на блогот на Европската централна банка (ЕЦБ), ова намалување не треба да се толкува како поевтинување на храната, туку како забавување на темпото со кое таа поскапува. Имено, потрошувачите и натаму плаќаат високи цени, само што тие во последните месеци растат побавно. Енергентите се интегрална приказна на една сериозна состојба на криза во нагорен тренд.

Трајно високи цени?!

Додека економските показатели сигнализираат олеснување, европските компании и граѓани не чувствуваат соодветно подобрување. Горивото е во континуиран ценовен пораст, а граѓаните при секое пазарување храна плаќаат сѐ повисоки цени на производите за широка потрошувачка.
Во анализата се констатира дека по силниот инфлациски бран од 2022 до 2025 година, пониската стапка на инфлација не ги враќа цените на претходното ниво.

Енергијата и климатските промени – најголеми ризици за храната да поскапува

1. Првиот ризик е енергетскиот шок. Зголемените цени на нафтата, гасот и ѓубривата не се задржуваат во енергетскиот сектор, туку постепено се пренесуваат низ целиот синџир на производство. Поскапувањето на енергијата ги зголемува трошоците за земјоделска механизација, транспорт, преработка, пакување и складирање. Поскапите ѓубрива, пак, директно го оптоваруваат земјоделското производство. Се разбира дека последиците нема да бидат еднакви за сите производи. Поголемо поскапување се очекува кај житните култури, како пченицата, пченката и јачменот, а потоа и кај лебот, тестенините и пекарските производи, додека повисоките цени на добиточната храна можат дополнително да ги зголемат трошоците во производството на млеко и месо. Енергетските поскапувања, значи, не завршуваат на сметката за струја или за гориво, туку тие со временско доцнење се појавуваат и на „трпезата“.

2. Вториот ризик доаѓа од климатските промени. Екстремните горештини и сушата во текот на летото 2026 година ги влошиле изгледите за земјоделските приноси во значителни делови од Европа. За разлика од енергетските шокови, кои се пренесуваат низ производството со одредено доцнење, временските непогоди можат побрзо да се одразат врз понудата на свежа храна. Процените на стручните служби на ЕЦБ укажуваат дека временските влијанија би можеле да ја зголемат прехранбената инфлација за дополнителни 0,3-0,8 процентни поени следната година. Дополнителен фактор на неизвесност е и феноменот Ел нињо, кој може да влијае врз цените на земјоделските суровини на светските пазари.
Оттука, прогнозата на ЕЦБ не е оптимистичка. Според септемвриските проекции, прехранбената инфлација во еврозоната би можела да достигне 3,4 отсто во третиот квартал на 2027 година, пред повторно да почне да се намалува. Сепак, авторите нагласуваат дека неизвесноста останува голема и дека интензитетот на новиот бран ќе зависи од развојот на енергетските пазари и временските услови. Постои и една важна разлика во однос на кризата од 2022 година. Сегашниот енергетски шок засега е помал по обем и повеќе е поврзан со нафтата и нафтените деривати отколку со гасот. Истовремено, побарувачката е послаба отколку пред четири години, што може да им го отежне на производителите и трговците целосното префрлање на повисоките трошоци врз потрошувачите. Затоа, ЕЦБ очекува врвот на прехранбената инфлација да биде приближно една петтина од оној забележан по почетокот на руско-украинската војна.

Некои информации од анализата што се однесуваат на храната

Според анализата на ЕЦБ, цените на храната во еврозоната во септември 2026 година биле околу 30 отсто повисоки отколку на крајот на 2021 година. Во одделни земји разликите се значителни. Кумулативниот раст се движи од околу 24 отсто во Финска до 48 отсто во Естонија. Овие бројки покажуваат дека инфлацијата не е само прашање на тековна економска динамика, туку и на трајно променети трошоци за живот. Привременото смирување на цените, според авторите, делумно се должи на поволните земјоделски приноси во Европа претходната година, како и на намалувањето на меѓународните цени на некои основни прехранбени суровини. По претходните поскапувања, кафето, какаото, шеќерот и другите производи почнаа да вршат помал притисок врз вкупната инфлација. Но овие поволни фактори постепено го губат влијанието, додека новите ризици се засилуваат.
Пораката на авторите на анализата во врска со прехранбената инфлација е дека таа не ја изгубила својата сила, а нејзините последици не исчезнуваат со забележеното забавување на ценовниот раст. Енергетската исклучително тешка криза и зависност од енергенти ќе продолжи и со сигурност повторно ќе се одрази во форма на зголемување на цената на основните производи.
За економските политики, тоа значи дека борбата против инфлацијата не може да се сведе само на следење на месечните показатели. Таа мора да ги земе предвид сите планови на брза и рапидна реакција во еврозоната, но и надвор од неа, од страна на државите. Според анализата на ЕЦБ, следува уште потежок тест и за стопанствата и за граѓаните во Европа. Токму од претходниот тест, ниту европската економија ниту европските домаќинства сè уште немаат целосно закрепнато. А се најавува континуитет на енергетскиот притисок и спирала нагоре на цените.


Македонија не може да ги контролира светските енергетски и прехранбени пазари, но може да ја зајакне сопствената производствена база

Во услови на нови енергетски неизвесности, растечки производствени трошоци и ризици од повторно поскапување на храната, Македонија мора да го стави ова прашање како приоритетно за решавање. Можеби за енергентите има ограничена палета на инструменти и алатки за интервенција, но сепак интервенцијата треба да биде побрза и препознатлива. Второ, поврзан предизвик и во истиот контекст е оној со храната и со производите за широка потрошувачка. Имено, суштината во овој дел е дека домашното земјоделско производство треба да биде во радарот како за највисоки економски и стратешки приоритети. Земјата има значителен, но сè уште недоволно искористен потенцијал во полјоделството, овоштарството, градинарството и сточарството, кој со долгорочна политика може да се претвори во поголема прехранбена сигурност и нов извозен капацитет. Интегралниот пристап значи да се спроведат мерки и за националното стопанство (во делот од земјоделството), а и мерки во делот за граѓаните. Реално се неопходни посериозни инвестиции во наводнувањето, модернизацијата на производството, земјоделската механизација, складишните капацитети, преработувачката индустрија и организираниот пласман на производите. Потребна е и предвидлива државна поддршка што ќе ги охрабри младите да останат на село, што ќе го направи земјоделството конкурентен бизнис и што ќе им обезбеди на производителите сигурност дека нивниот труд ќе биде исплатлив.
Целта не смее да биде само поголемо домашно производство, туку постепено достигнување повисок степен на самодоволност кај клучните прехранбени производи, намалување на зависноста од увоз и создавање вишоци за извоз. Во време кога храната сè повеќе станува прашање на економска отпорност и национална безбедност, неискористеното земјоделско земјиште, поволните климатски услови за одделни култури и традицијата во производството претставуваат можност што не смее да се пропушти. Македонија не може да ги контролира светските енергетски и прехранбени пазари, но може да ја зајакне сопствената производствена база. Затоа, развојот на земјоделството и сточарството мора да се третира како долгорочна инвестиција во поевтина и подостапна храна, нови работни места, повисок извоз и во поголема економска независност. Е.Р.

(пошироко на оваа тема на страниците 11, 12 и 13)