Во услови кога машинското творештво и изобилството од содржини генерирани од вештачката интелигенција треба да донесат поголема достапност на информациите, творбите и размената на податоци, ова прашање се појавува како спорна дилема во научната фантастика. Впрочем, тезата во сценаријата на научнофантастичните филмови и книги е дека хиперпродукцијата на дела генерирани од ВИ нема да го демократизира процесот на создавање, туку ќе создаде тесен елитизам, каде што творбите ќе бидат гледани низ призма на пазарната цена, а човечкото творештво ќе стане антиквитет, кој како редок примерок во светот на творештвото ќе ги издвои „генијалните“ автори од оние што нема да успеат да се изборат со творештвото на вештачката интелигенција.
Од една страна, на полиците во книжарниците масовно ќе се најдат дела напишани со помош на вештачка интелигенција. Бидејќи таа е многу побрза и поефикасна во продукцијата на содржини, квантитативно ќе го преплави пазарот. Од друга страна, во еден мал дел од книжарниците ќе стои творештвото создадено од човек, при што ознаката „напишано од автор“ ќе стане ексклузивна понуда со повисока цена. Овој тренд ќе прореди голем број автори, па ќе останат само „традиционалните писатели“, кои ќе формираат мало елитно друштво. Она што е првична идеја на создавањето со помош на вештачка интелигенција, всушност е еуфемизам и ефемерна замка. Вештачката интелигенција нема да ги подобри пазарот на информациска размена и брзината и квалитетот на „патувањето“ на содржините, туку напротив ќе ја ограничи понудата од авторот човек, ќе ја проретчи, ќе направи елитизам, а делото ќе добие повисока пазарна цена, само поради тоа што е антиквитет, додека естетските критериуми и уметничката вредност на делото ќе станат секундарни во поглед на процена на вредноста на едно дело.
Во расказот „Големиот авторски граматизатор“, Роалд Дал поставува хипотетичко сценарио во кое машината произведува книжевни текстови, кои се сосема прифатливи на естетско рамниште, но човекот автор се соочува со притисок да го отстапи своето авторско име, за делото да не изгуби од својот мануелен квалитет.
Ваквото сценарио е инспирирано од постојните состојби во големите издавачки куќи во кои т.н. автори духови (ghost) создаваат едно дело, но како автор се потпишува некој реномиран, чие реноме само по себе однапред ја определува цената на книгата пред читателите. Станува збор за економски притисок во кој авторот буквално го „продава“ своето име за да извлече повисока цена за производ што воопшто не е негова авторска сопственост.
Бурје, пак, смета дека вкусот што ќе биде обликуван од страна на новите општествени состојби и односи нема да се фундира на самата уметничка естетика. Самата ознака „напишано од човек“ или „создадено од човек“ ќе стане статусен симбол, кој ќе можат да си го дозволат мал број луѓе, кои, пак, ќе важат за публика со изострен вкус, кој во посед има колекција на човечко авторство само затоа што истото тоа ќе може да си го дозволи. Клучното прашање е дали во книжарниците од иднината, функцијата на полиците ќе биде да го зачуваат уметничкото творештво или да го одвојат од секојдневниот живот и да го направат помалку достапно за публиката?
Тогаш парадоксот ќе се состои во тоа што технологијата – која ветува дека секој ќе може да создава – всушност ќе изгради пазар на кој сè помалку луѓе ќе можат да си дозволат да бидат автори. Ознаката „создадено од човек“ ќе стане сведоштво за општество што го претворило човечкото творештво во привилегија, а потоа неговата реткост ја прогласило за вредност.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































