Се разви една старо-нова полемика меѓу Антонио Милошоски и СДСМ околу македонскиот јазик во Европската Унија. Милошоски за повод ја искористи обновената стратегија на Унијата каде што се нагласуваат членот 55 и членот 342 од Договорот за функционирањето на организацијата. Според нив, правилото е едноставно: официјалните јазици на институциите на ЕУ, без исклучок, се определуваат со едногласна одлука од страна на Советот на ЕУ! Односно, ЕУ може да добие нов службен јазик ако тоа биде побарано од земјата кандидат што преговара, но под услов ниедна земја членка да нема приговор, односно вето на таквото барање. Врз основа на таа нова информација, Милошоски побрза да каже дека македонскиот јазик не е признаен во Европската Унија и дека го чека можно вето.
Пропагандниот состав на Социјалдемократскиот сојуз уште нерасонет од локалните избори во тетовска Брвеница наместо да чита и да толкува правилно светски документи, реагира со став дека македонскиот јазик има свое место во Унијата, дека е прифатен како рамноправен и не станува збор за некаква загроза. Како сведоштва ги наведуваат пораките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што ги има изречено при престој во Скопје. За солиден аргумент во тој прилог од СДСМ ги наведуваат нејзините зборови дека „Европа ја очекува Македонија со нејзиниот идентитет и јазик“.
Што е новото? Новото е што никој не кажа ништо ново. Ниту Милошоски извади гулаб од шешир за да ја оправда политиката на неговата партија кон ЕУ, ниту СДСМ скокна едно скалило погоре на спознанието и разбирањето на проблемот со јазикот.
Секому, и на обичниот човек, а камоли на некој политички упатен, му е познато дека меѓу најважните услови кон Северна Македонија (порано Република Македонија) за почеток на разговорите за членство во Унијата е условот што е поврзан со македонскиот национален идентитет, со историјата и со македонскиот литературен јазик и писмо. Од тие извори се напојува, се храни и живее бугарското вето, а не дали има реформи во правосудството, дали Вардар тече матно или на чија страна од границата се топи побрзо снегот на Беласица, планина што го дели југот на двете држави. „Нова Македонија“ во повеќе наврати пишувала на оваа тема, ги излагала своите ставови, како и ставовите на упатени политичари, научници – лингвисти, дипломати, аналитичари.
Социјалдемократите уште од времето на Заев, Ковачевски и Маричиќ, кога беа влада на државата, засилени со коалицискиот придружник Бујар Османи, занесено повторуваа дека македонскиот јазик веќе е прифатен и признаен во Европската Унија и дека тоа прашање воопшто не е и нема на биде на дневен ред во натамошните преговори. Таквиот став често го рецитираа и други високи (и ниски) партиски претставници. За жал, таа заблуда кај нив продолжува да трае. Заблудата што ја шират заедно со други повикани и неповикани партиски портпароли носи штета, не корист.
Како што споменавме, меѓу неколкуте наводни аргументи во прилог на нивните тврдења, СДСМ и неговите верни политички сателити ги наведуваат фразите на Урсула фон дер Лајен, која во неколку наврати има спомнувано дека македонскиот јазик ѝ припаѓа на Европа. Но тоа е ноторен факт и без изјавата на Лајен. Македонскиот јазик е европски јазик по своето потекло, географија и примена.
Застапниците на тврдењето дека македонскиот јазик е признаен во (од) Унијата како факт го истакнуваат договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, позната под кратенката ФРОНТЕКС, со седиште во Варшава. Вистина е дека договорот е потпишан и на македонски јазик, без фусноти, покрај другите 24 официјални јазици на Унијата. Со тој договор официјално е дозволено дел од македонската граница да ја чуваат и странски полицајци за спречување масовни налети од мигранти. Сепак, тој не задира во ништо друго поврзано со односите Македонија–ЕУ и нема никаква врска со нашите проблеми со бугарските барања кон Македонија.
Не треба да се убедуваме дека личниот став на претседателката на комисијата во никој случај не е став на Унијата или на Советот на Европа. Кажано е усно – „ветар донел – ветар однел“ – вели народот. За одбележување се и неколку други изјави што одат во македонски прилог, но во суштина не значат ништо вредно. Имено, францускиот претседател Емануел Макрон, поздравувајки го договорот со ФРОНТЕКС, го спомена и македонскиот јазик како јазик на Европа, не на Унијата. Таа дипломатска бела ракавица подадена кон Македонија не значи официјално ништо, нема општоевропска вредност. Слична е и судбината со донесената декларација во германскиот Бундестаг со која ги признава македонските култура, идентитет и јазик. Во врска со овие наводи треба да се додадат и изјавите на Каја Калас, Марта Кос и на Антонио Кошта, кои во никој случај не се став на Унијата или на Советот на Европа. Тие од своите функции може да влијаат, но не решаваат.
Изјавите складирани во тој кош имаат повеќе симболична, а помалку практична вредност. Тие се дел од картотеката на многубројните лицемерни изјави од високи претставници на ЕУ, како и дадените од разни амбасадори. Ваквите изјави се плацебо-пилули да си ја смират својата совест и да ги намалат болните чувства на загрижените Македонци.
Во денешна Европа официјално постојат 225 автохтони јазици. Меѓу нив и македонскиот јазик. Европската Унија има 24 официјални јазици. Таму, во нејзините матични „книги“ не фигурира македонскиот. Го нема како признаен јазик. Ги нема ниту српскиот и црногорскиот јазик, иако двете држави одамна ги имаат почнато преговорите. Го нема ниту албанскиот иако Албанија е неколку скали погоре на преговарачко рамниште со Македонија.
ЕУ има 27 членки, а помалку службени јазици – 24. Тоа е така затоа што некои земји имаат ист јазик. Официјални јазици се: холандски, француски, германски, италијански, дански, англиски, грчки, португалски, шпански, фински, шведски, чешки, естонски, унгарски, летонски, литвански, малтешки, полски, словачки, словенечки, бугарски, ирски, романски и хрватски. Како што земјите биле примани така за службени биле примани нивните национални јазици, иако имало исклучоци. Хрватскиот, кој по распадот на Југославија се одвои како самостоен од тогашниот српскохрватски, е последниот службен јазик во Унијата.
Значи, прашањето е кога македонскиот јазик ќе биде признаен како официјален јазик на ЕУ?
Одговорот не е ниту лесен ниту едноставен, како што дел од нашите политичари сакаат да го прикажат. За еден јазик да стане официјален, потребно е прво земјата да стане рамноправна членка. Како што се гласа со апсолутен консензус за приемот, така е потребен консензус и за јазикот, барем засега додека не се укине таквата процедура. Гласаат сите 27 земји. Но и притоа има исклучоци. За нас посебно е поучен примерот со Ирска. Оваа островска држава е примена во ЕУ во 1973 година. Поради разни спорења околу англискиот јазик, ирскиот јазик за официјален е признаен дури во 2007 година, 34 години подоцна од приемот. Прашањето е дали нешто слично може да се случи и со македонскиот литературен јазик? Дали властите ќе гледаат во гравче или ќе бараат некоја нова Баба Ванѓа за да дознаат што ќе се случува?
За признавањето на македонскиот јазик како официјален јазик на ЕУ клучен фактор се бугарските услови и барања. Загрижувачки е што многумина во Македонија, пред сѐ Социјалдемократскиот сојуз како силна партија, не ги сфаќаат доволно сериозно размерите на бугарските закани. Како што е познато, официјална Бугарија не ги признава македонскиот народ и македонскиот литературен јазик. Ги смета за бугарски, најмалку до 1944-1945 година. Бугарското собрание во 2019 година има донесено декларација за непризнавање и таа обврска ја има оставено како аманет до сите идни генерации. Како што има ставено вето за приемот на државата, такво вето има доставено до ЕУ и за името на јазикот.
Како предупредување и опомена до Европската комисија, Министерството за надворешни работи на Бугарија во посебна декларација доставена до сите земји членки укажува дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање на „македонскиот јазик“ од страна на Република Бугарија. „Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и други на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на ’македонскиот јазик‘“.
Ако се гледа текстот на тој документ во целина, станува јасно дека бугарската влада става до знаење дека услов за Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ е да ја прифати интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и на македонскиот литературен јазик како единствена историска вистина. Пократко – да се усвои барањето дека македонскиот литературен јазик е дијалект на бугарскиот.
Таква е вистината за македонскиот јазик во Европската Унија. За жал.
































