Од патувањата по Апсурдистан (2)
- Ова е измислена приказна. Сите сличности со реални настани и ликови се случајни
По неколку дена престој во Апсурдистан, љубезните домаќини ме одведоа на театар. Интересно, дејството на претставата се одвиваше во измислена држава во која, по сплет на околности, во еден период од својот живот престојувал и Марко Цепенков.
Лица:
• Јашар: Ситно шефче со голема желба за контрола. Тој е претседател на Одборот за Сè и Сешто, а народот, со целосно право, го нарекува сејмен.
• Трпе: Негов верен слуга, чиј капацитет за трпење е буквално неограничен.
• Џа Јан (Jiā yán): Случаен минувач што, по исто толку случаен избор, станува член на Одборот за Сè и Сешто.
Прв чин: Столот на сејменот Јашар
Во Општинската палата, каде што воздухот мирисаше на застоено кафе и уште позастоени ветувања, седеше Јашар. Тој не беше обичен човек: беше Претседател на Одборот за Сè и Сешто, позиција до која стигна со шепотења по темните ќошиња. Неговото владеење се засноваше на едно златно правило, кое често си го повторуваше додека ги набљудуваше подредените: „Ако е сиромав, не е будала; ако е богат, не е слеп, ами сите се за лажење“. Јашар веруваше дека луѓето се како тесто: колку повеќе ги месиш и притискаш, толку подобар леб ќе извадиш за себе. Неговите вработени, исплашени за своите скромни платички, одеа на прсти. Кога тој ќе влезеше во канцеларијата, тие веднаш ги свиткуваа кичмите, зашто добро ја знаеја старата поговорка што Јашар ја имаше урамено над своето биро: „Наведната глава сабја не ја сече“. Сепак, тој не манипулираше само со ситната раја. Најголемо задоволство му причинуваше да ги врти околу малиот прст своите рамноправни колеги – другите членови на Одборот за Сè и Сешто. На состаноците им ветуваше брда и долини, им нудеше фиктивни проценти од непостојни проекти и ги тераше да се караат меѓу себе. Јашар лажеше дури и кога молчеше. – Гледај ги – му шепна еден ден Јашар на својот верен потрчко, секретарот Трпе. – Се тепаат како петли за грст пченица. А јас? Јас само го фрлам зрното. „Кучињата си лаат, си врви пашата“, мој Трпе! Додека тие лаат, јас си го терам пашалакот. Трпе само кимаше со главата, со очите вперени во подот. Плашејќи се дури и да трепне, тој само мислеше како да не го изгуби правото на бесплатен ручек во општинското бифе.
Втор чин: Трнот во окото
Но во секој рај има по еден трн, а во пашалакот на Јашар тој трн се викаше Џа Јан. Тој беше негов колега од исто рамниште, човек со седа коса и вечно мастилави прсти. Не бараше функции, не сакаше државни тендери и, што е најстрашно за Јашар – воопшто не се плашеше. На секоја лага од Јашар, Џа Јан само подмукло ќе се насмевнеше и ќе запишеше нешто во својот црн тефтер со кожена корица. Тој тефтер го вадеше Јашар од памет. Секогаш кога Претседателот ќе почнеше да држи говори за „светлата иднина на нашиот сектор“, Џа Јан само ќе ја кренеше главата од тефтерот и ќе испуштеше едно гласно: „Хм!“. Еден ден, којзнае по кој пат, Јашар реши да го скрши отпорот на Џа Јан. Се сети на мислата што ја беше слушнал од некој учен човек: дека најголемата моќ не е да го уништиш непријателот, туку да го натераш да ја изгуби желбата за борба. Јашар реши да ја примени таа стратегија. Ќе го „помилува“ Џа Јан, ќе го поткупи со добрина, ќе му ја одземе волјата за бунт.
Го повика во својата раскошна канцеларија. Масата беше преполна со печено месо, баклави и скапо вино – сè на сметка на општинскиот буџет.
– Седни, Џа Јан, брате мој по функција! – со сладок глас рече Јашар, ширејќи ги рацете како мајка што пречекува син повратник.
– Зошто вечно да се гледаме преку нишан? Еве, земи, касни. Паметни луѓе сме. Гледам, нешто постојано пишуваш во тој тефтер. Ако е за пари – ќе најдеме. За позиција – ќе те направиме потпретседател. Што ќе си ги мачиш очите со тие писменија? „Бела пара за црни денови“, вели народот, а јас можам да ти дадам многу бели пари. Само остави го тоа моливче, одмори се од критиките.
Џа Јан го погледна печењето, го погледна Јашар, па полека го извади тефтерот и го стави на масата, точно до чинијата со баклава.
– Јашаре, Јашаре – рече Џа Јан со мирен глас.
– Ти навистина мислиш дека секоја птица со просо се лаже. Ама си ја заборавил старата: „Волкот влакното го менува, а умот никогаш“. Ти ми нудиш пари за да молчам, зашто мислиш дека си го фатил Господ за брада.
– Па, и сум го фатил! – избувна Јашар, веднаш губејќи ја тактиката на „милостив владетел“.
– Види ме каде сум! Мој е печатот, мој е потписот, моја е полицијата пред врата! Што ќе ми направиш со тоа моливче? Народот вели: „Кој има сила, тој има право“. Јас ја имам силата!
Џа Јан само се насмевна, го затвори тефтерот со тап звук и стана од столот без да касне ниту трошка од понуденото јадење.
– Твоја е силата денес, Јашаре. Ама силата е како коњ на заем – брзо се уморува.
Трет чин: Математиката на минливоста
По тој состанок, Јашар стана опседнат. Почна да крои планови како целосно да го изолира Џа Јан. Им забрани на вработените да зборуваат со него, му ја одзеде службената правосмукалка од канцеларијата, па дури и му нареди на Трпе да му го исклучи интернетот во кабинетот. Јашар триумфираше. Мислеше дека со овие ситни мачења конечно го натерал Џа Јан да ја изгуби желбата за борба. Јашар беше сигурен дека победил. Сепак, во својата слепа гордост, големиот водач заборави да погледне во еден мал, но суров документ: неговиот Договор за мандат. Поминаа денови, поминаа месеци, се тркалаа лисјата на времето. И еден ден, Јашар се разбуди со ладна пот на челото. На календарот стоеше црвен круг. Неговиот четиригодишен мандат истекуваше за точно една недела. Народот, уморен од неговите манипулации, веќе гласаше за нов состав на Одборот, а колегите што до вчера му се поклонуваа, веќе му ги пакуваа куферите во картонски кутии. Јашар одеднаш сфати дека неговата „вечна моќ“ има рок на траење како кисело млеко. Четири години! Само четири кутри години во кои тој мислеше дека е цар, а всушност бил само привремен наемател на државната столица.
Последното утро од својот мандат, Јашар чекореше по празните ходници со кутијата во раце. Канцеларијата му беше одземена. Моќта му испари како магла на сонце. И тогаш, поминувајќи покрај кабинетот на Џа Јан, ја виде вратата отворена. Внатре седеше тој. Интернет повторно имаше, правосмукалката работеше, а Џа Јан со уживање пишуваше на големи листови хартија. Околу него имаше купчиња веќе отпечатени страници со наслов: „Хрониките на едно четиригодишно лудило: Како Баронот Минхаузен си ја продаде душата за баклава“.
Јашар пребледе. Влета во канцеларијата и со треперлив глас извика:
– Што е ова, Џа Јан?! Јас си одам, моето заврши! Зошто уште пишуваш за мене?! Нели те победив, нели те натерав да молчиш додека владеев?!
Џа Јан полека го спушти перото, го погледна паднатиот моќник со искрено сочувство и рече:
– Ех, Јашаре, Јашаре. Ти мислеше дека твојата моќ е безгранична, а таа имала рок од четири години. Уметноста, мој Јашаре, нема граници. Таа не познава ниту часови, ниту мандати. Ти владееше четири години со камшик и лаги, а јас сега ќе пишувам четириесет години за твоите глупости. Твоето владеење помина, ама мојата приказна за тебе дури сега почнува. Народот убаво рекол: „Лагата има кратки нозе“, ама пишаниот збор има долги крилја.
(продолжува)
































