Фото: ЕПА
Анализа на „Би-би-си“

Безбедносни пропусти во програмскиот јазик PHP, кои со години останале неоткриени, предизвикаа глобално предупредување за кибер безбедност откако истражувачи, со помош на вештачка интелигенција (ВИ), ги идентификуваа опасностите. Владите и безбедносните агенции ширум светот ги повикаа операторите на веб-страници итно да ги ажурираат своите системи или привремено да ги исклучат доколку не можат да ги заштитат.

PHP е програмски јазик што со децении се користи за развој и функционирање на веб-страници. Тој е дел од инфраструктурата на бројни интернет-платформи, меѓу кои WordPress, Wikipedia и голем број онлајн продавници.

Според анализата на „Би-би-си“, сериозноста на откриените ранливости предизвикала итни реакции од владите и организациите задолжени за кибер безбедност. Компанијата Wiz, чии истражувачи учествувале во откривањето на пропустите, ги оцени како едни од најсериозните безбедносни проблеми идентификувани со помош на вештачка интелигенција.

И „Опен Еј-ај“ предупреди на значењето на откритието, оценувајќи го како едно од највлијателните безбедносни прашања во поновата историја.

Ранливостите потенцијално им овозможуваат на напаѓачите да преземат контрола врз засегнатите веб-сервери без претходна автентикација и да пристапат до чувствителни податоци. Според експертите, последиците би можеле да бидат особено сериозни за организациите што користат застарен или недоволно одржуван софтвер.

Пол Спејн, извршен директор на Gorilla Cyber Security, за „Би-би-си“ објаснил дека PHP во заднина обработува информации и овозможува нивно прикажување на веб-страниците. Поради неговата широка употреба, пропустите би можеле да засегнат „милиони и милиони“ веб-страници.

Истражувачката за кибер безбедност Џил Слеј од Универзитетот во Аделаида предупредила дека злоупотребата на ранливостите од хакери или државни актери би можела да има сериозни последици, особено ако дојде до кражба на приватни податоци.

Последиците од предупредувањето веќе се почувствувале на различни интернет-услуги. Организацијата Викимедија привремено исклучила дел од своите системи како превентивна мерка. Веб-страници биле повлечени од интернет и од страна на финската влада, советот на Единбург, „Би-би-си“ и холандската агенција за кибер безбедност. Превентивни мерки презеле и повеќе јавни институции во Шкотска.

Американската Агенција за национална безбедност ги повика организациите што користат PHP веднаш да ги заштитат своите системи, а оние што не можат навреме да ги инсталираат безбедносните поправки да ги исклучат од мрежата.

Националниот центар за кибер безбедност на Велика Британија издаде слично предупредување, повикувајќи ги организациите да проверат дали нивните системи биле компромитирани и дали напаѓачите инсталирале таканаречени „задни врати“ за понатамошен пристап.

Слични препораки издадоа и безбедносните институции во Европската Унија и Австралија. Јапонската премиерка Санае Такаичи, исто така, ги повика корисниците да проверат дали нивните јавно достапни веб-страници работат на PHP и да преземат соодветни мерки.

Развивачите на PHP објавија безбедносни поправки и ги повикаа сите корисници веднаш да ги ажурираат своите системи.

Истражувачите од Wiz и нивните партнери ги користеле напредните алатки за вештачка интелигенција за анализа на програмскиот код и откривање безбедносни слабости што со години останале незабележани.

Случајот ја покажува двојната улога на ВИ во кибер безбедноста: таа може значително да го забрза откривањето и отстранувањето на пропустите, но истовремено може да им овозможи и на напаѓачите побрзо да развиваат алатки за нивна злоупотреба.

„Опен Еј-ај“ соопшти дека објавила алатка за проверка на безбедноста на PHP-системите. Во меѓувреме, експертите предупредуваат дека во наредните недели може да се зголемат обидите за искористување на ранливостите, особено откако техничките детали ќе станат пошироко достапни.

Пораката до сопствениците и администраторите на веб-страници е јасна: да ги инсталираат најновите безбедносни ажурирања, да ги проверат системите за знаци на компромитирање и внимателно да ги следат предупредувањата од производителите на софтвер и надлежните безбедносни агенции.