Во рекордно време се заврши карго-обиколницата во Скопје, со што товарните возови веќе нема да минуваат низ центарот на градот. Тоа значи две работи – прво, еколошки е одлично, второ, ќе значи кратење на времето, а на тој начин ќе ја направи Македонија уште поатрактивна за карго-сообраќај – изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски при денешната работна посета во Гевгелија.
Пругата од Илинден до Драчево, како што нагласи, ќе значи многу и за забрзувањето на Коридорот 10.
– Прво, ќе значи многу од еколошки аспект. Јас видов многу коментари вчера дека и досега карго-возовите не влегувале во Скопје. Тоа е делумно, односно многу неточно. Со тоа што, некаде пред 30-40 години, кога првпат била иградена оваа обиколница, тоа било така, но со девастирањето што СДСМ го направи со неколку нивни влади на државата, за жал, овој коридор не се користеше. Ние решивме и се зафативме целосно да го реконструираме заедно со ЈП „Железници и инфраструктура“ и му се заблагодарувам на директорот Синиша Ивановски, како и на неговиот тим, така што во рекордно време се заврши карго-обиколницата во Скопје, со што товарните возови веќе нема да минуваат низ центарот на градот. Тоа значи две работи – прво, еколошки е одлично, второ, ќе значи кратење на времето, а на тој начин ќе ја направи Македонија уште поатрактивна за карго-сообраќај – нагласи Николоски, пренесува МИА.

































