Фото: Архива

Саемот на виното „Отворен Балкан“ (ОБ), од 1 до 4 септември, во Белград, кој го организираат владите на Србија, Македонија и на Албанија е добра можност за заеднички пласман на пазарот на виното и храната.
Според српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ, овој настан е единствен не само поради презентацијата на винскиот гастрономски туризам туку и поради промоцијата на туристичките дестинации на земјите од Отворен Балкан.
– Винската визија „Отворен Балкан“ е еден од првите заеднички чекори во конкретизирање на идеите и стратегијата на Отворен Балкан. Оваа манифестација е резултат на заедничката работа на три земји и идеална можност не само да се позиционираат балканските вински маршрути на светската мапа на вински тури туку и нашите земји подобро и полесно да се утврдат на светската мапа на атрактивни туристички дестинации – истакна Матиќ.
Таа изрази надеж дека овој саем, на кој ќе се соберат изложувачи од регионот, но и од целиот свет, во иднина ќе стане традиционална манифестација и еден од неизбежните европски фестивали за гастрономија и за туризам.
Целта на саемот е да се прослави врвната изработка на мајсторите во производството на најдобрите вина и да се промовира уникатен спој на вкусови и ароми што го претставуваат духот на Балканот, неговата географија и богатството на сорти.
– Првиот меѓународен саем на вино ќе им овозможи на лозарите, производителите на вино, претставниците на винарниците, енолозите, сомелиерите, како и на дистрибутерите и трговците со вино од регионот и пошироко, да се соберат, да се вмрежуваат, да споделат искуства, да се претстават пред пошироката јавност и да го прошират својот бизнис – велат од српското министерство за трговија, туризам и телекомуникации.