Собрание на Република Македонија денеска на пленарна седница го усвои Предлогот за продолжување на рокот на кризна состојба поради ризици во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Со одлуката, која претходно доби поддршка и од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, кризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 година. Таа ќе започне да се применува од 21 април, по објавувањето во „Службен весник“.
Во образложението беше посочено дека продолжувањето е резултат на неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба, особено по ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и нарушувањата во транспортот на сурова нафта.
Клучен фактор е намалениот проток низ Ормузки Теснец, еден од најважните светски енергетски коридори. Според проценките, по нападите кон крајот на февруари и блокадите на поморските патишта, транспортот на нафта е значително намален, што создава ризик од глобален недостиг и раст на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.
Влада на Република Македонија веќе презема мерки за ублажување на последиците, меѓу кои: намалување на ДДВ за енергенсите и намалување на акцизите за дизел и бензин.
Целта е заштита на животниот стандард и обезбедување стабилно снабдување.
Продолжувањето на кризата е усогласено со проценките на надлежните тела во системот за управување со кризи, кои оценија дека причините за нејзиното прогласување сè уште постојат.
Со оваа одлука, Собранието ѝ дава овластување на Владата и институциите да продолжат со координирано управување со состојбата и примена на мерки за сигурно снабдување со енергенси.
































