Фото: МВР

Во Министерство за внатрешни работи денеска беше извршено примопредавање на донација од Кралството Холандија, на која присуствуваа заменик-министерот Астрит Исени и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Холандската делегација ја предводеа амбасадорот Озлем Џанел и генералниот директор на Службата за транспорт и поддршка при Министерството за правда и безбедност, Ерик де Брост.

Донацијата се состои од две специјализирани комбиња за превоз на затвореници и мигранти, кои ќе бидат ставени во функција на Одделот за гранични работи и миграции при Бирото за јавна безбедност.

На настанот претходеше потпишување на протокол за примопредавање од страна на Јанев и Де Брост.

Заменик-министерот Исени изрази благодарност за поддршката од Холандија, нагласувајќи дека донацијата претставува значаен придонес за зајакнување на оперативните капацитети на Министерството.

 – Со овие специјализирани возила директно ја унапредуваме подготвеноста на нашите служби и ја зајакнуваме меѓународната полициска соработка. Ова е и потврда за довербата и партнерството меѓу двете земји – истакна Исени.

Тој додаде дека билатералната соработка со Холандија се реализира преку повеќе заеднички проекти насочени кон модернизација на полицијата, зајакнување на институциите и унапредување на владеењето на правото.

Донацијата, како што посочија од МВР, претставува уште еден чекор во продлабочувањето на партнерството меѓу двете земји, особено во справувањето со предизвиците поврзани со граничното управување и миграцијата.