Фото: Маја Јаневска-Илиева

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски смета дека Саемот за вино „Отворен Балкан“ во Белград е одлична можност да се испрати пораката на обединетост, подготвеност за заедничка соработка и носење мудри одлуки.

Јаневски во пресрет на Саемот, за МИА вели дека на манифестацијата ќе се претстават 333 винарии од регионот, Европа и светот, а со оглед дека и храната ќе биде во фокусот, како вид традиција, ќе има по пет мастер шефови од земјава, од Србија и од Албанија. Вкупно 300 метри квадратни, пак, се резервирани за туризмот.

– Очекувам од Саемот за вино да ја испратиме пораката дека Балканот е обединет. Од минатото да извлечеме поука и да носиме мудри одлуки. Да работиме и да создаваме мостови, а не пречки – истакна Јаневски.

Тој информира дека од македонска страна ќе се презентира и фолклорот, ќе има изработка на бисери и филигран, а организирана ќе биде и Македонска вечер, чиј домаќин ќе биде премиерот Димитар Ковачевски. На Македонската вечер се очекува да присуствуваат 500 гости.

Оценка на директорот на АППТ е дека иницијативата „Отворен Балкан“ е голем туристички потенцијал кој може да генерира 30 милиони ноќевања и значително да го зголеми бројот на регионалните гости.

Прмиерот Ковачевски во петокот соопшти дека на Саемот „Отворен Балкан“ што ќе се одржи од 1 до 4 септември во Белград, ќе учествуваат 42 македонски визби и три дестилерии, а претставени ќе бидат 300 различни вина.

– Учеството на овој Саем за домашната економија значи поголем извоз, откуп и обезбедување нови пазари за македонското вино. На манифестацијата чии кооорганизатори и кодомаќини сме и ние, ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот – оцени премиерот.

Според него, Саемот ќе биде можност да се поврзат винските патишта на Балканот, да се соберат најдобрите винарии и да се поразговара за развој на потенцијалот на винската индустрија, како и за можноста за учество на светските пазари.