Фото: МСМЈЛК

Македонистите во светот во одбрана на македонскиот јазик

Негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија и тврдењата дека тој е дијалект на бугарскиот, македонистите сметаат дека се бесмислени и политички. Повеќе од 300 студенти на додипломски и постдипломски студии и докторанди по македонистика во 20 центри во светот го учат македонскиот јазик и култура и се најголемите амбасадори за негова промоција. Дел од нив деновиве во Охрид ги усовршуваат своите знаења и вештини на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) во организација на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

– Непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија и тврдењето дека е дијалект на бугарскиот, за мене е нонсенс. Македонскиот јазик во 1945 година е кодифициран и оттогаш официјално се води како посебен јазик и нема што да се оспори, смета Ана Марија Цинега-Панзова, преведувач од унгарски на македонски и обратно.

Револт кон бугарските тврдења искажа и професорката по хрватски, српски и македонски јазик и литература и учителка по словенечки за македонската дијаспора Соња Доужан од Словенија.

– Тврдењата на Бугарија ги оценувам како многу подли. Како може некој друг од страна да дојде и да каже дека луѓето тука зборуваат некој друг јазик. Македонците, ако велат дека зборуваат македонски, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски. Јас апсолутно ги поддржувам Македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам да тврдам лично дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу и граматички и лексички, не знам од каде воопшто идеја дека тоа би можело да биде ист јазик. Апсолутно тврдењата на Бугарија се базирани само на политика – истакна Доужан.

За директорката на школата, тврдењата на Бугарите не значат ништо.

– Јас сум македонист, јас знам од каде произлегол мојот јазик и знам дека тој се зборувал векови наназад и дека имал своја литература и одредена култура којашто се развивала и во 19 век – подвлече Мојсова-Чепишевска.

Таа нагласува дека сите словенски јазици произлегле од прасловенскиот.

– Сите ние како словенски јазици сме произлегле од прасловенскиот. Тој не е старобугарски, тој не е ни старомакедонски. Тој во основата ги има денешните јужномакедонски говори, кои се наоѓаат во егејскиот дел, односно Северна Грција, и тоа е факт и никој не го оспорува. Беспредметно е некој да ми кажува дека мојот јазик произлегол или е дијалект од бугарскиот. Јас воопшто тоа не го перципирам, затоа што знам која е разликата. Некои од странските македонисти го изучуваат и бугарскиот јазик и тие најмногу ја сфаќаат разликата – посочува Мојсова-Чепишевска.

Таа смета дека не треба да влегуваме во непотребни полемики бидејќи создаваат повеќе страст, жестокост и нервоза, а не се постигнува многу.

– Сите ние треба да дадеме придонес таму каде што сме најјаки. Не може да оспори некој дека македонската литература не постои, исто како што не може да каже дека македонската литература можат лесно да ја читаат Бугарите и обратно дека Македонците може лесно да ја читаат бугарската литература. Можеби јазиците во 19 век биле поблиски, ама сега во 21 век тоа не е така. Зошто ни се потребни преведувачи, за да можеме вистински да се разбереме, а не да се изгубиме во преводот, како што многупати знаеме. Тука ја гледам таа перспектива, да работиме. Еве ќе направиме учебници по македонски јазик, зошто никој не сака од Бугарија да ги прочита да направи критички осврт на тие учебници, што нему му пречи. Тогаш ќе докаже вака или онака, нагласува професорката и директор на Летната школа.

За зачувување на македонскиот јазик, потребно е да се направи национална стратегија, смета директорката на Летната школа на МСМЈЛК, Весна Мојсова-Чепишевска. Во таа стратегија, според неа, потребно е да влезе отворањето лекторат во Тирана.

Македонистите во странство, но и оние што сакаат да го изучуваат македонскиот јазик на повеќе нивоа, во иднина тоа ќе можат да го прават со новите изданија на учебници по македонски јазик за странци, кои покрај во ПДФ-формат од неодамна ги има и во аудиоверзија на страницата на Летната школа на УКИМ. Тоа ќе им овозможи на странските слависти и македонисти, покрај што ќе ја прочитаат, и да ја слушнат македонската реч, за усовршување на спецификите на македонскиот јазик.

Годинашните учесници на семинарот први имаат можност да учат од трите нови учебници, кои неодамна излегоа од печат, а се надоврзуваат на тие од 2019 година. „Тешкото“ за почетно, „Лозје“ за средно рамниште и „Везилка“ за напредно образование, односно учебник за македонска литература и култура.