Фото: Игор Бансколиев

Откупот на тутунот годинава стартува со 30 проценти повисока цена во однос на лани, а се очекува да бидат откупени 21 илјади тони тутун, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со тутунопроизводителите во Прилепскиот регион.

Покрај повисоката откупна цена, како што рече, има и повеќе склучени договори, поголемо планирано количество на откуп и има подобар квалитет на тутунот, што според него, оди во прилог на  успешен откуп со крајни бенефити и за државата и за тутунопроизводителите.

– Просечната откупната цена за килограм тутун сега е 261 денар, за разлика од лани кога беше 250. Ова се историски највисоки откупни цени на тутунот во последните 10 години – рече Ковачевски.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски посочи дека откупната цена за прва класа е 300 денари, 240 денари за втора, а 180 денари за трета, како и дека има над 29.000 склучени договори.

– Овие успеси се резултат на сите политики што ги преземавме во изминатиот период – рече Николовски.

Како што истакна тој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за следната година има најголем буџет.

– Навреме ќе бидат исплатени сите средства кон тутунопроизводителите и обезбедени се средства за новиот начин на субвенционирање – рече Николовски.