Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, при што бензините поскапуваат за 2,5 денари, а дизелот за 2 денари по литар.

Со новата одлука, просечното зголемување на цените изнесува 3,47 проценти.

Според утврдените максимални цени, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 85 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 – 87 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 93,5 денари, а Екстра лесното масло за горење 98,5 денари. Мазутот поскапува за 3,064 денари и ќе изнесува 49,720 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека зголемувањето се должи на раст на референтните цени на светските берзи, при што бензините бележат пораст од 5,324%, дизелот 2,817%, а мазутот над 8%.

Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар бележи мало зголемување, што делумно влијае на формирањето на цените.

Во пресметката се земени предвид и намалувањата на акцизите и ДДВ-то за одредени деривати, но и покрај тоа, трендот на светските цени доведе до ново поскапување.

РКЕ посочува дека на дел од бензинските пумпи цените се пониски од максимално утврдените, при што дизелот и бензините се продаваат и до 3, односно 2 денари пониско од регулаторната цена.