Светска здравствена организација (СЗО) соопшти дека ризикот за пошироката јавност останува низок и дека нема потреба од паника, по појава на сомнително жариште на хантавирус на крузер во Атлантски Океан, каде што три лица починале, а уште три се заразиле.
Станува збор за бродот „Хондиус“ на холандската компанија „Оушнвајд експедишнс“ кој пловел кон Зеленортски Острови и во моментот се наоѓа во близина на островската држава. Бродот претходно испловил од Аргентина и за време на патувањето застанал на повеќе локации, вклучително и Антарктикот.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека организацијата презела итни мерки и соработува со засегнатите земји за медицинска помош, евакуација и проценка на ризикот.
Тој нагласи дека хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со заразени глодари и не се шири лесно меѓу луѓето, иако во ретки случаи може да предизвика тешка болест.
Од холандското Министерство за надворешни работи е потврдено дека двајца патници со холандско државјанство починале, а еден заразен пациент се лекува на интензивна нега во Јужна Африка. Лабораториски анализи потврдиле инфекција со хантавирус кај најмалку еден од случаите.
СЗО повторно нагласува дека ситуацијата е под контрола и дека нема индикации за широка опасност за населението.


































